• недела, 24 ноември 2024

Со јавно-приватно партнерство и три катни гаражи за повеќе паркинг-места во Гостивар

Со јавно-приватно партнерство и три катни гаражи за повеќе паркинг-места во Гостивар
Гостивар, 31 јули 2021 (МИА) - Недостигот од места за паркирање во Гостивар ќе се решава со изградба на три катни гаражи во најпрометните делови. Проблемот, кој станува најизразен преку лето, локалната самоуправа планира да го надмине преку моделот на јавно-приватно партнерство. Ако се реализираат плановите, Гостивар в година би имал над илјада паркинг-места. Во Општина Гостивар деновиве забрзано се работи да се финализираат условите и деталите што ќе се содржат во документацијата за прибирањето понуди за изградба на катни гаражи. Засега се планира да бидат три објекти, а веќе имало и заинтересирани. - Огласот треба да биде објавен деновиве, откако ќе се завршат и последните формалности. Надлежните служби ги определија локациите за изградба на три катни гаражи чија првенствена намена е да се користат за паркирање возила. Трите се во градското подрачје: едната е во близина на големиот пазар, другата е во близина на спортска сала, а третата непосредно до болницата. Нивната изградба и користење ќе биде по моделот на јавно-приватно партнерство, рече за МИА градоначалникот Арбен Таравари. Тој нагласи дека доколку изборот на партнерските компании заврши во рокот, трите катни гаражи в година би се пуштиле во употреба. Оптимизмот за завршување на работите го поткрепува со економската логика. Идните инвеститори ќе имаат корист од управувањето со овие гаражи, па така ставањето во функција ќе биде колку што е можно побрзо. Според првичните насоки, секоја катна гаража треба да има капaцитет за по сто возила. Со постојните, бројот на паркинг-места во градот би надминал една илјада. Решавањето на проблемите со паркирање во Гостивар е дел и од стратегијата на ЈП „Паркинзи и зеленило“. Првиот човек на претпријатието Беким Челебиу за МИА изјави дека дека се соочиле со многу предизвици, кои биле последица на лошите договори од претходно. - Конечно од оваа година управувањето со паркинзите е под наша ингеренција. Не сме зависни од надворешни фирми, бидејќи откупивме софтвер што го контролира и го регулира зонското паркирање. За разлика од претходно, овој систем беше јавно-приватно партнерство и добар дел од парите одеа во друга каса. Со новиот начин, очекуваме значајна финансиска корист. Па така, сиот износ од зонското паркирање отсега ќе се слева во касата на претпријатието, рече Челебиу. Ваквото финансирање, вели тој, во голема мера ќе придонесе да се вложува во нови проекти и инвестиции, кои како крајна цел треба да ја подобрат инфраструктурата во градот и нејзиното одржување. Недостигот од паркинг-места често доведува до создавање метеж и застои по градските улици. Тие најмногу се појавуваат во централното градско подрачје. Двете решенија треба да придонесат за долгорочно надминување на еден од покрупните проблеми во градот. Воспоставувањето поголем ред во сообраќајот е голем предзвик и за сообраќајната полиција. Изминативе недели во Гостиварско се зголемени контролите, а засилено работи и пајак-службата и заедно работат на отстранување на непрописно паркираните возила. Во Гостивар овие денови се чувствува напливот на возила што традиционално се јавува со доаѓањето на сограѓаните иселеници во родниот крај. Фреквенцијата во сообраќајот е значително зголемена. Локалната власт, за да излезе во пресрет и да се намалат нервозите и метежот, овозможи дополнителни места за паркинг во дворовите и на паркиралиштата во основните и во средните училишта. - Така беше и минатите години, па и годинава продолжуваме со практиката да ги ставиме во функција паркинзите во школите. Таму ќе се паркира без надомест. Така обезбедуваме и подобри услови за нашите сограѓани при нивниот престој во родниот крај, вели директорот на ЈП за паркинзи и зеленило, Беким Челебиу. За првата зона за паркирање се наплатува 25 денари од час, а малку поевтино во втората зона. Покрај можноста за резервирање паркинг-место во оптек се и соодветни билети за долгорочно користење паркинг, а има и неделни, двонеделни и месечни билети. Зоран Маџоски

Остани поврзан