• вторник, 01 октомври 2024

Со хепенинг „Младост - радост" во Крива Паланка одбележан Меѓународниот ден на млади

Со хепенинг „Младост - радост

Крива Паланка, 12 август 2024 (МИА) - Со младинскиот ликовно - поетски хепенинг „Младост - Радост" пред платото на Центарот за култура Крива Паланка, во организација на Општина Крива Паланка и Националната установа Центар за култура, во градот беше одбележан Меѓународниот ден на млади - 12 август.

-Палета бои во сите нијанси на платната отсликани од младите таленти во ликовното студио на центарот и стихови од душа од младите поети, подмладок на литературниот клуб „Калин" од библиотеката „Кочо Рацин" при нашата установа, во придружба на музички звуци го прославивме денот на младите, потенцијалот на иднината. Настанот го организиравме во соработка со Општина Крива Паланка, ангажирајќи дел од членовите на секциите што работат во рамки на центарот, информира директорот на НУЦК Крива Паланка, Антони Стојановски.

Настанот е дел од „Кривопаланечко културно лето" и „Крива Паланка - Град на културата".

По повод Меѓународниот ден на младите во петокот локалната самоуправа имаше отворен ден за млади, кога младите од градот остварија посета на општината, се запознаа со работата на одделенијата во општинскиот сектор и имаа средби со градоначалникот.

Меѓународниот ден на млади со повеќе активности го одбележува и Европската куќа Крива Паланка. Во четвртокот се одржа спортска работилница за млади, во кејот на Крива Река, младите имаа можност да научат како преку пинг-понг да научат вештини на самодисциплина и издржливост, во петокот во Кратово се одржа работилница за основни фотографски вештини, а младите ги истражуваа и фотографираа културните и природни богатства на градот. За утре се планирани целодневни активности за изучување на нови кретивни и иновативни вештини преку програмирање на дрон и истражување на небото, а програмата по повод Денот на младите ќе биде заокружена со кино - проекција во Европската куќа Крива Паланка. ид/дма/

Фото:МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан