• вторник, 12 ноември 2024

Со усвојување заедничка Декларација, заврши Самитот Брдо-Бриони

Со усвојување заедничка Декларација, заврши Самитот Брдо-Бриони

Тиват, 8 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ на прес-конференцијата во Тиват рече дека на лидерската средба на процесот Брдо-Бриони е усвоена заедничка Декларација. Сепак, тој додадава дека влезот во ЕУ не е само потреба и декларирана цел, туку геополитички и морален императив за Западен Балкан.

- Самитот беше уште една можност да ја повториме единствената порака, заедничка за сите нас, дека нашиот простор е простор на заеднички вредности, мир и просперитет, и дека ЕУ не е целосна без земјите од Западен Балкан, истакна Милатовиќ на заедничката прес-конференција со претседателите на Словенија и Хрватска.

Тој додаде дека мирот и безбедноста никогаш не можат да се земат здраво за готово и дека самитот е секогаш добра прилика да се разговара и за оние прашања околу кои не секој има исто мислење.

- Долгорочната стабилност подразбира добрососедски односи,“рече Милатовиќ, додавајќи дека „Црна Гора е и секогаш ќе биде земја посветена на регионалната соработка и добрососедските односи.“

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, рече дека процесот Брдо-Бриони трае со години како форма на комуникација меѓу државите, од кои некои меѓусебно не се признаваат, што, како што наведе, само по себе е вредно за напор.

Милановиќ оцени дека ЕУ е голем и многу инертен систем и дека идните членки „ако се чека толку долго колку што се чека сега, ќе го изгубат трпението“. - Наша задача е да ги охрабруваме, додаде тој.

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, истакна дека Црна Гора има најголем потенцијал за прием во ЕУ, а според неа, Косово има најмали шанси за тоа.

На пленарната седница на самитот Брдо-Бриони, се разговараше за унапредување на соработката меѓу Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ.

Покрај домаќинот, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, учествуваа и претседателите на Албанија и Хрватска, Бајрам Бегај и Зоран Милановиќ, претседателките на Косово, Словенија и Северна Македонија, Вјоса Османи, Наташа Пирц Мусар и Гордана Силјановска Давкова.

Присуствуваа и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, им се придружи на учесниците на самитот подоцна, за време на работниот ручек.

Процесот Брдо-Бриони е заедничка словенечко-хрватска иницијатива започната во 2013 година, со цел зајакнување на меѓусебната доверба и помош на Западен Балкан на патот кон ЕУ.

Членки се Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија. ссм/

фото: Кабинет на претседателка на Северна Македонија

Остани поврзан