• среда, 27 ноември 2024

Со указ на Путин, Русија станува сопственик на украинската нуклеарка Запорожје

Со указ на Путин, Русија станува сопственик на украинската нуклеарка Запорожје
Москва, 5 октомври 2022 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин со указ објавен денеска нареди преземање на украинската нуклеарна централа Запорожје и впишување во сопствеништво на Руската Федерација. Најголемата централа во Украина со месеци е под окупација на руската војска, а украинската настојува да ја поттисне. „Владата на Руската Федерација треба да обезбеди нуклеарниот објект на нуклеарната централа Запорожје и друг имот неопходен за спроведување на нејзините активности, да бидат примени во федералното сопствеништво“, се наведува во указот, јави руската новинска агенција Тасс. Указот доаѓа во време кога шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси информираше дека тргнува во посета на Украина, а потоа и на Русија, со цел да разговара за воспоставување заштитна зона околу нуклеарната централа Запорожје. „На пат сум кон Киев поради важни состаноци. Потребата за заштитна зона околу централата е поитна од кога било“, напиша Гроси на Твитер, додека Русија формално го присвои објектот. Руската атомска компанија „Росенергоатом“ соопшти дека Руската Федерација ќе биде сопственик на целиот комплекс на централата Запорожје. Таа најави и подготвеност за посетата на Гроси, наведува Тасс. Претходно денеска шефот на украинската атомска агенција „Енергоатом“ информираше дека го презема управувањето со нуклеарната централа, чиј директор изминатите денови беше киднапиран, па потоа ослободен од страна на руските сили. бд/сд/

Остани поврзан