• недела, 24 ноември 2024

Со традиционалното капење на рибарите во Охрид одбележан празникот Свети Јован Крстител

Со традиционалното капење на рибарите во Охрид одбележан празникот Свети Јован Крстител

Охрид, 20 јануари 2024 (МИА) – Десеттина граѓани на Охрид, тајфата на Никола Јакимоски кој вчера го фати Чесниот крст во Охрид, како и неколкумина гости во градот и туристи, денеска во типично зимски амбиент со врнежи од снег, влегоа во студените води на Охридското Езеро. 

На тој начин тие ја продолжија традицијата на охридските рибари на православниот празник Свети Јован Крстител да се капат во езерото за да го одбележат почетoкот на риболовната сезона.

Градоначалниот на Охрид, Кирил Пецаков во оваа прилика истакна дека Охрид живее од и за традицијата и тоа го одржувало духот на градот низ вековите.

- Поради временските услови откажан е забавниот дел од манифестацијата, но луѓето и во вакви временски услови уживаат во традиционалната храна, како плашиците, пачата и греаното вино и ракија...Не е тешко организирањето на ваквите манифестации оттаму што тука е долгогодишното искуство на луѓето во Охрид, институциите, сите субјекти кои и досега на свој начин биле вклучени во организирањето, рече Пецаков, кој и самиот има честопати скокано по Чесниот крст во водите на Охридското Езеро.

Денот на рибарите во Охрид е една од најкарактеристичните манифестации што се одржуваат на Богојавленските празници, како датуми од календарот што привлекуваат поголем број гости во градот надвор од главната туристичка сезона.

Славењето на Свети Јован Крстител или Денот на рибарите е потсетување на традицијата на капење на рибарите на денот кога се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на риболов. Во поново време на овој ден се одбележува почетокот на изловот на пастрмката за нејзино измолзување и вештачки мрест. аб/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан