• сабота, 23 ноември 2024

Со сугестии на граѓански организации, урбани и месни заедници до модерно и урбано Куманово

Со сугестии на граѓански организации, урбани и месни заедници до модерно и урбано Куманово
Куманово, 14 март 2021 (МИА) - Почна со работа партиципативното тело коешто го формираше општина Куманово и чиишто членови треба да придонесат за подобро урбанистичко планирање и уредување на градот. Во согласност со Законот за урбанистичко планирање за обезбедување инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање во телото доброволно учествуваат претставници на граѓанските организации, од урбани и месни заедници.
Учесниците од граѓанските организации велат дека ова е одлична можност да се вклучат и дадат сугестии кои се однесуваат на уредувањето, пред сè решавање на сообраќаен метеж, повеќе зеленило, паркинг, простор кој ќе понуди пешачки зони, повеќе паркови.
  -Учесниците со своите сугестии, забелешки можат да влијаат во новите плански решенија, да ги подобрат. По сила на закон во партиципативното тело членуваат претставници на Комисијата за урбанизам од општинската администрација, а на доброволна основа граѓански здруженија, поединци, кои ќе придонесат за што подобро урбанистичко планирање на Куманово, изјави раководителката на секторот за урбанизам од општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска. Партиципативното тело ги претставува различните интереси и интересни групи на локалната заедница и ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите на планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување лански решенија. Улогата на партиципативното тело во процесот на урбанистичкото планирање е консултативна. - Согласно законот партиципативното тело е составено од тројца членови од Комисијата за урбанизам од општинската администрација, по двајца претставници од урбаните и месните заедници, по еден претставник од изработувачот на планската документација и претставници на невладини организации од различни сегменти на урбаниот живот, здруженија на граѓани и граѓански активисти како и поединци на граѓани пријавени на доброволна основа. Во партиципативното тело на Општина Куманово членуваат шест лица претставници на здруженија на граѓани и граѓански активисти како и поединци на граѓани кои се пријавија на јавниот повик распишан во ноември 2020, појаснува Сларидис Јаневска. - Сведоци сме со години наназад владее урбан хаос во Куманово, некакво безредие кога е во прашање изградба на нови станбени објекти, сообраќајници, јавни површини, изнаоѓање на некои несоодветни и непрактични решенија и кои ја влошуваат состојбата, го отежнуваат и комплицираат животот на граѓаните. Со оваа можност за вклученост и учество на граѓаните во работата на стручните лица кои ќе го изготвуваат ГУП, сметам дека ќе имаме повеќе можност за делување и заеднички наоѓање најсоодветно решение за нашиот град, за да го направиме подобро место за живеење, изјави Сузана Ѓорѓевиќ од Здружението на граѓани“ FIt Lifestyle Club“, член на телото. За неа приоритет е почитување на Закон за урбано зеленило, со кој се предвидува градежните парцели да имаат најмалку 20 проценти зеленило, запазување на критериумите при донесување на урбанистичкиот план за 20 метри квадратни зелена површина. Таа ќе се залага за повеќе заштитно зеленило, парк шума, дрвореди, но и за велосипедски патеки, решавање на сообраќаен метеж и недостиг на паркинг простор. - Да се најдат соодветни решенија и да не се дозволи легализирање на објекти на зелени површини или близу речните корита, кои се покажаа голем проблем со години наназад, да се води сметка за издавање на дозволи за градби, доколку не го исполнуваат Законот за урбано зеленило, Закон за градење, Закон за урбанистичко и просторно планирање и сите други закони и правилници, како не би продолжил хаосот кој со години го гледаме и чувствуваме секојдневно, градби на места каде што не би требало да има, без доволно или воопшто паркинг места, без зелени површини или минимално незадоволително, како и многу други проблеми. Навистина се надевам дека со оваа можност за учество во партиципативно тело за изработка на ГУП, во иднина ќе се подобрат и пронајдат реални, практични решенија за градот, како би бил подобро место за живеење, вели Ѓорѓевиќ. Денис Хаурдиќ од здружението „Гринтинк“ ќе настојува доследно да се имплементираат постоечките законски норми, кои според него е одлична, но недоволно се применува. Како член на телото ќе се залага за доследна примена на нормативата и имплементација на европската регулатива. - Ако имате пожар на некои места во градот, возилото не може да влезе. Наша цел ќе биде при урбанистичкото планирање да се запазат овие линии, објектите да бидат обезбедени од овој аспект. Да се спроведе ревизија на паркинг просторот. Како можело од гаражи да се направат дуќани. Би сакале со законски, демократски средства да придонесеме за поубав, урбан живот. Градот има потреба од циркулација, сообраќајници. Младоста ми помина во овој град и можам да кажам дека претходните урбанистички решенија беа многу посоодветни, вели Хаурдиќ. Момир Петрушевски, член на телото и претседател на урбаната заедница „Панче Пешев“ Куманово појаснува дека претходно се водело сметка при донесувањето на урбанистичките планови за оваа урбана заедница која е дел од поширокото централно градско подрачје. Во минатото, изградени се поголем број станбени згради со доволно зеленило, паркинг простор. - Но, во последно време со зголемување на сообраќајниот метеж во општината „Панче Пешев“, моментно трпи притисок од возилата кои доаѓаат од периферијата на градот, кои се паркираат тука, бидејќи во строгиот центар ја немаат таа можност. Со изработката на новите урбанистички планови се води сметка за сообраќајните решенија и секогаш кога се планираат урбаните заедници, сообраќајните решенија се приоритет, истакнува Петрушевски. Тој се надева дека преку телото ќе придонесат и за изработка на новиот ГУП и каде подетално ќе се осмисли градот. - Мислам дека приоритет е пробивањето на булеварот „Октомвриска револуција“, да се направи прстен околу градот, за сообраќајот да се измести од централното градско подрачје и да намали сообраќајниот метеж, додава Петрушевски. Претставниците од граѓанските организации и од урбаните заедници сметаат дека е важно да се почитуваат законските норми, ќе придонесат за урбано, модерно, инклузивно живеење. Телото има деловник за работа кој го донесе Советот на Општина Куманово на седница одржана во октомври, лани. Сугестиите на членовите ќе бидат вклучени во планските решенија, телото може мислењата и потребите директно да ги пренесе и на Советот и ќе работи еднаш во два месеци, но ако има материјал ќе се среќава и почесто. Александра Максимовска

Остани поврзан