• среда, 25 декември 2024

Со странски искуства ќе се рехабилитира просторот во поранешната касарна во Охрид

Со странски искуства ќе се рехабилитира просторот во поранешната касарна во Охрид
Охрид, 2 март 2022 (МИА) – Со странски искуства ќе се рехабилитира и уредува просторот на поранешната касарна во Охрид и ќе се трансформира во технолошка и рекреативна зона. Општина Охрид и Стелар Солушнс денеска го презентираа проектот „Roads Not Taken: Municipality of Ohrid Going Green, Smart, Innovative (OHRID GO)“ пред Ира Саул Рубенстеин, инвестициски консултант за иновации и обновливи извори на енергија, кој работи на проект за рехабилитација на голема поранешна индустриска зона во технолошки парк во Прага. По посетата на касарната, Рубенстеин забележа дека е предност што една генерација не го користела просторот. - Тоа што една генерација не го користела просторот може да биде предност и има голем потенцијал да се претвори во технолошки парк, во кој бенефит ќе имаат технолошки фирми, кои ќе носат поголема додадена вредност во локалната економија, рече Рубенстеин. Тој е подготвен да помогне во делот, како се гради иновациски екосистем во локалната економија, со надеж дека неговите совети ќе бидат добредојдени. Ѓоко Апостолов од секторот за Локален и економски развој при Општина Охрид, посочи дека проектот е насочен кон имплементирање активности за „Зелен град“, формирање Старт ап центар во поранешната касарна и изработка на физибилити студија за понатамошен развој на целиот комплекс во технолошко-рекреативна зона. - Денешниот гостин, работи на проектот „Праговка“, кој е сличен со нашиот, односно адаптација на поранешна индустриска зона во капацитет каков што ние планираме да направиме во Охрид. Неговото присуство ќе го искористиме да ни ги пренесе неговите искуства, знаења и да пробаме да влеземе во мрежата на институции и поединци, кои потоа би биле корисни за Охрид, од аспект на развивање на оваа идеја, истакна Апостолов. Дејан Дескоски од Стелар Солушнс информира дека во наредните две години, предвидени се настани на кои ќе присуствуваат експерти од различни области, кои ќе може да понудат директна помош за реализација на проектот. - После 10 години успеавме да ја возобновиме и кончено реализираме идејата за Стар ап центар во Охрид. Возобновување на запуштениот дел на поранешните касарни и да ги ставиме во функција да можат младите слободно да придонесуваат во форма на идеи, а ние во форма на менторства, едукации и разни други настани да ги поддржиме, со цел да можат успешно да ги презнетираат своите продукти на пазарот, рече Дескоски, нагласувајќи дека идејата е да се стави Охрид на мапа на дигитални номади. „Roads Not Taken: Municipality of Ohrid Going Green, Smart, Innovative (OHRID GO)“, го спроведува Општина Охрид во соработка со Стелар Солушнс и партнерство со Општина Воден, Грција, финансиран од Европската унија преку програмата EU for Municipalities, со вкупна вредност од 716.766 eвра. сс/цр

Остани поврзан