• петок, 10 јануари 2025

Со реализација на низа проекти Општина Вевчани ги подобри условите за жителите и туристите

Со реализација на низа проекти Општина Вевчани ги подобри условите за жителите и туристите

Вевчани, 9 јануари 2025 (МИА) - Реконструкција на локални улици, изградба на канализациска линија, санација на урбана опрема и градежни активности во детската градинка, се само дел од реализираните проекти во 2024 година во општина Вевчани.

Градоначалникот Спасе Кочовски за МИА информира дека минатата година изградена е канализациска линија „Трафо-Бебекој - Смолејца“, реконструирани се улиците „Дејков мост- Детска градинка“, „Трафо Бебекој - Варвара“, „Попој – Смолејца“, дел од „Трафо-Бубаној-Смолејца“...

Според него, направена е сервисна улица на потегот Света Петка – Средни пот, асфалтиран е патниот правец Вевчани - Горна Белица, а бетониран е и еден од главните канали за наводнување. Кочовски посочи дека е поставена и заштитна ограда на локалната улица „Шопев мост - Здравствен дом Вевчани" за поголема безбедност во сообраќајот. 

- Паралелно со реконструкцијата на главните локални улици во Вевчaни, се работи и на изградба на нова инфраструктура за улично осветлување. Поставени се нови канделабри, санирана е и постоечката урбана опрема на излетничкото место Јанков Камен и уреден е влезот во спортскиот полигон, изјави Кочовски.

Тој истакна дека е поплочен и просторот во Соборниот храм „Свети Никола“ со цел уредување и обезбедување на повеќе паркинг места, кои ќе ги користат како жителите на Вевчани, така и туристите.

Со цел зајакнување на општинските капацитети за собирање комунален отпад за потребите на општина Вевчани, набавено е ново специјално возило за собирање на комунален отпад. 

- Како дел од активностите на проектот „ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен балкан и Турција“, заеднички кофинансиран од Европската унија и Германското федерално министерство за економска соработка и развој, а кој се спроведува од страна на GIZ во Западен Балкан и CPMA во Турција, во општина Вевчани се реализираше пилот проектот „Кон енергетски ефикасни општини“ во рамките на кој се постави фотовоталична електроцентрала на објектот на пречистителната станица за отпадни води во Вевчани со номинална моќност од 20,00 kWp, потсети градоначалникот.

Во детската градинка „Планински цвет“ целосно се променети внатрешната столарија и плочките, ламперијата е заманета со гипс картон, а инсталиран е и нов систем за затоплување на објектот со енерегетски ефикасни топлотни пумпи.

За оваа година, посочи дека се обезбедени финансиски средства за реконструкција на локална улица „Центар - Дејков мост“ и изградба на детски забавен парк во Вевчани, но и за реализација на други тековни проекти. сс/сст/

фото МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан