• среда, 13 ноември 2024

Со прошетка и активности во Прилеп одбележан Светскиот ден на ретко заболување на црниот дроб

Со прошетка и активности во Прилеп одбележан Светскиот ден на ретко заболување на црниот дроб
Прилеп, 9 јуни 2022 (МИА) - Здружението на црнодробни заболувања СЛАП со седиште во Прилеп по повод 9 јуни, Светскиот ден на неалкохолниот стеатохепатитис (НАСХ), ретко заболување на црниот дроб, денеска организираше повеќе активности за зголемување на свеста за заболувањето. Беше организирана прошетка в шума, околу Вештачкото езоро во Прилеп. Стотина учесници испратија пораката да се внимава на здравјето. Според Билјана Мирческа, претседателка на Здружението, ова заболување најмногу ги погодува лицата со дијабетес. -Ситуацијата со заболени во Македонија не е многу поразлична од состојбата во светот, меѓутоа официјални статистички податоци се уште нема. Самото заболување го афектира црниот дроб најмногу поради нездравиот начин на живот и пациентите со дијабетес. Според официјалната статистика во Македонија бројот за заболени од дијабетес во 2016 изнесувал над 120 илјади, а околу 40 илјади се зависни од инсулинска терапија, но може да претпоставиме дека бројот на заболени од НАСХ е далеку поголем, рече Мирческа. Нашата организација, посочи таа, и годинава го одбележува Светскиот NASH- ден со повеќе цели: оваа болест не е никако поврзана со конзумирање алкохол, што значи сите се изложени, без разлика на возраст и пол. - Загрижувачки е што според сите истражувања најголем пораст на новодијагностицирани во светот е токму младата популација – деца. Поради недостиг на јавна свест за здравјето на црниот дроб, а особено за NASH, на пациентите им е тешко е да направат разлика помеѓу симптомите поврзани со НАСХ и други здравствени проблеми, објасни Мирческа. Таа додаде дека најбитно е да се подигне свеста за ова заболување и кај населението и кај лекарите, бидејќи тешко се дијагностицира и се превенира. Учесниците ги поздрави и прилепскиот градоначалник Борче Јовчески. ем/рп/

Остани поврзан