• четврток, 26 декември 2024

Со прегледи на лимфни јазли и информации за хематолошки заболувања одбележан Денот за подигнување на свеста за хронична миелоидна леукемија

Со прегледи на лимфни јазли и информации за хематолошки заболувања одбележан Денот за подигнување на свеста за хронична миелоидна леукемија

Скопје, 22 септември 2024 (МИА) - Прегледи на лимфни јазли и информации за хематолошки заболувања се реализираа попладнево во центарот на Скопје. Организатор на настанот беше Здружението „Хема-онко“, посветено на пациенти со сите видови рак и нивните негуватели, а доктори од Клиниката за хематологија вршеа прегледи и им даваа совети на граѓаните. Со ова беше одбележан и Денот за подигнување на свеста за хронична миелоидна леукемија - 22 септември.

Професор доктор Александра Пивкова Велјановска од Универзитетската клиника за хематологија, раководител на Одделот за трансплантација на матични клетки, во изјава за МИА рече дека целта на овој настан е заедно со пациентите и лекарите, да се подигне свеста за борбата против малигните хематолошки заболувања, вклучително и лимфомот.

- Населението подобро да се запознае што се првите симптоми, знаци, на ова заболување, како да биде побрза и порана дијагностичката постапка, за да може пациентите во порани стадиуми на заболувањето да дојдат на третман на нашата клиника, појасни таа.

Како што информираше таа, последниве години има пораст на ова заболување во државава.

- Имаше мало намалување на бројките во периодот на пандемијата со Ковид-19, кога пациентите не доаѓаа на лекар или беа оневозможени да го сторат тоа. Но, по тој период, имаме зголемување на бројот на лимфомите и за понатаму се прогнозира дека ќе има пораст на ова малигно заболување и заради тоа, треба да ја подигнеме свеста и сите заедно да ги вложиме сите наши капацитети, како од пациентските здруженија, така и нас лекарите, за да доведеме до рана дијагностика. Тоа е основно, пациентите да бидат рано дијагностицирани во што поран стадиум. Тоа, бидејќи третманите на пациентите со порани стадиуми на лимфом доведуваат до успешно завршување на третманот со повлекување на болеста и нормален квалитет на живот после тоа, нагласи Пивкова Велјановска.

Станува збор за болест главно на возрасни пациенти, меѓутоа може да се јави и кај други лица.

- Порано се мислеше дека е болест на постарата популација, на средна популација, некаде од 40 до 60 години, меѓутоа, сето тоа, сега е изместено. Ние на клиниката лекуваме главно возрасни пациенти, над 15-годишна возраст. Болеста е поретка кај детската популација, практично и да не се јавува. Доминантно заболуваат возрасните пациенти. Болеста нема предиспозиција кон одреден пол, посочи таа, додавајќи дека имале и пациенти на 18, 17 и на 16 години.

Таа истакна дека важно е да се зголеми соработката меѓу лекарите како професионалци, почнувајќи од матичните лекари, важно е да се препознае рано и рано да се праќаат пациентите на доиследување во терциерното здравство, бидејќи симптомите на почетокот може да бидат неспецифични.

- Може да се појави лесно покачена температура, слабост, омалаксаност, губиток во телесна тежина, практично симптоми што наликуваат на многу други болести. Но, појавата на зголемени лимфни жлезди веќе може да биде првиот симптом што би сугерирал на заболувањето малигнен лимфом, децидна беше Пивкова Велјановска.

Лидија Пецова, претседател на „Хема-онко“, за МИА изјави дека граѓаните може да се информираат како да ги препознаат симптомите за леукемија, за миелом и за лимфом.

- Имаме и еден квиз, еден прашалник, што е многу краток, дали се препознаваат симптомите за миелом и лимфом. Ако се дијагнозира порано, има поголеми шанси да се преживее, нагласи Пецова.

Милица Кузмановска, потпретседател и менаџер за комуникации, појасни дека на штандот може да се најдат брошури и материјали изработени од „Хема-онко“ во соработка со доктори специјалисти хематолози.

- Да се дознае за симптомите на овие болести, што многу често се слични со симптомите на обична настинка или на грип. Болки во коски понекогаш се третираат како реума, долг е патот додека да се дијагностицира едно хематолошко заболување, посочи Кузмановска за МИА.

Таа потсети дека ова е само уште еден настан во рамки на септември, што меѓународно се одбележува секаде во светот, како месец посветен на подигнување на свеста за ракот на крвта.

Рахела Стефановска од Скопје за МИА рече дека со мултипен миелом за првпат се соочила кога болеста ѝ била дијагностицирана.

- Сепак мислам дека јавноста многу малку беше запознаена со оваа болест. Од моментот на дијагностицирање и јас почнав самата да истражувам и да прашувам за болеста. Сепак, благодарение на лекарите на Клиниката за хематологија, кои се многу добри и ги следат сите трендови во медицината и пристапот на докторите, сега сум океј. Веќе не примам терапија и сега сум во ремисија. Сега се чувствувам добро, откри Стефановска.

И таа рече дека симптомите се многу слични на останати болести како болки во коски, па можеби некои лица погрешно се упатуваат на физикални терапии и лечење на нешто сосем друго, или пак, анемии.

- Укажувам превентивата да се зголеми повеќе кај матичните лекари. Периодот на побрзо дијагностицирање на оваа болест да биде пократок, подвлече Стефановска. бд/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан