• четврток, 26 декември 2024

Со поставување камен-темелник Мицкоски го одбележа отпочнувањето на изградбата на нова детска градинка во Трубарево

Со поставување камен-темелник Мицкоски го одбележа отпочнувањето на изградбата на нова детска градинка во Трубарево

Скопје, 20 јули 2024 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска го поставија камен-темелникот за изградба на нова детска градинка во Трубарево во општина Гази Баба.

На настанот по повод одбележувањето на изградбата на новата детска градинка во Трубарево, Мицкоски рече дека работата е белегот на новата Влада и дека ваквиот проект е првиот чекор за решавање на проблемот со недостатокот на градинки во поголемите населени места.

– Проблемот со недостаток на градинки, особено во големите населени места е хроничен. Листите на чекање преставуваат сериозен проблем и на овој начин преку изградба на вакви објекти ние го правиме првиот чекор за решавање на проблемот, рече премиерот.

Градоначалникот Стефковски посочи дека детската градинка ќе има капацитет да згрижи 60 деца и ќе се протега на површина од 720 метри квадратни во кои ќе се изградат три занимални за деца, административни простории и останати помошни простории. Тој додаде дека се работи за инвестиција со вкупна вредност од 19 милиони денари.

– Инвестицијата е во вредност од 19 милиони денари. Ќе се изгради детска градинка со вкупна површина од 720 метри квадратни, кое ќе може да згрижи 60 дечиња. Општина Гази Баба комплетно ја заврши урбанистичко-планската и проектната документација за изградба на нови детски градинки во Инџиково и на потегот помеѓу Маџари и Керамидница и со истите ќе аплицираме за добивање поддршка од Владата. Со изградбата на овие детски градинки во Гази Баба нема повеќе да има дете кое ќе чека за упис во градинка, изјави Стевковски.

Мотивот за работа е сега поголем, вели градоначалникот, бидејќи, како што рече, со премиерот Мицкоски општините добиле сојузник за реализација на повеќе проекти. ра/цр

Фото: МИА

 

Остани поврзан