• четврток, 26 декември 2024

Со поправка на стар мебел до поддршка на поранешни зависници

Со поправка на стар мебел до поддршка на поранешни зависници

Скопје, 13 март 2023 (МИА) - Во социјалното претпријатие „Рето Надеж“ денеска беше одржан промотивен настан на кој беа презентирани неколку активности спроведени како поддршка на претпријатието чија мисија е да им помага на зависниците од дрога и алкохол при процесот на одвикнување, ресоцијализација и реинтеграција во општеството.

- „Рето Надеж“ ги остварува своите цели, односно овозможува одржливост на претпријатието, преку спроведување економски активности со давање услуги, но и со пренос и репарација на стар мебел што го продава во продавница за мебел од втора рака. Во своите напори да ги поддржи социјалните претпријатија, проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ креираше партнерства со кои придонесе „Рето“ да ги подобри своите капацитети од аспект на репарација и пренос на мебел, а со тоа да може и уште повеќе да им помага на поранешните зависници. Со грант од 25.000 евра обезбедени од полската Амбасада, „Рето“ набави нова машина за изработка на мебел и возило за негов пренос. Претставникот на Полската амбасада во Скопје, Пјотр Висоцки, изјави дека се задоволни не само од оваа соработка, туку и од претходните активности кои, исто така, помагаат на развојот на социјалното претприемништво во земјата, велат од „Поддршка на социјалните претпријатија“.

Според Душан Томшиќ од Министерството за труд и социјална политика, допрва доаѓа времето на претпријатијата што се занимаваат со солидарна економија.

- Во претстојниот период ќе се стави светлото на социјалните претпријатија, можам да кажам дека некои закони веќе се сменети во тој правец, како, на пример, законот за социјална заштита или, пак, оној за јавни набавки со кои се овозможува да се олесни соработката меѓу општините и јавните институции и социјалните претпријатија. Но, со законот наменет конкретно за социјалните претпријатија, кој е во завршна фаза, ќе се стави вистински фокус на социјалните претпријатија, рече Томшиќ.

И студентите од економскиот факултет при „Кирил и Методиј“ беа присутни на настанот. Тие се победници на хакатонот со кој „Рето Надеж“ доби нови алатки за маркетинг и брендирање, а ги награди Шпаркасе банка. Ги презентираа активностите што веќе се во фаза на спроведување, а со кои „Рето“ ќе добие поголема промоција и видливост.

Од „Рето Надеж“, пак, рекоа дека се многу среќни не само поради финансиската, туку и поради моралната поддршка, која им е многу потребна за да продолжат да им помагаат на зависниците при процесот на одвикнување, учејќи ги нови работни вештини и постепено интегрирајќи ги во општеството.

Проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ е финансиран од ЕУ, имплементиран од Ептиса, во конзорциум со Барка и Екорис, каде што корисник е Министерството за труд и социјална политика. мч/сп/

фото: проект „Поддршка на социјалните претпријатија“

Остани поврзан