• четврток, 26 декември 2024

Со повлекување на амандманите можност да се одблокира петтиот пакет економски мерки, исчекор направен и околу државјанствата

Со повлекување на амандманите можност да се одблокира петтиот пакет економски мерки, исчекор направен и околу државјанствата
Скопје, 14 април 2021 (МИА) - Коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива вчера најавија дека ќе ги повлечат амандманите поднесени во Собранието за законите од петтиот пакет на економски мерки. ВМРО-ДПМНЕ, пак, претходно вчера соопшти дека ќе ги повлече своите амандмани што ги поднесе во Собранието за Предлог законот за државјанство. Елми Азири од Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива изјави дека штом ќе се деблокира дебатата во Комисијата за обрана и безбедност за законот за државјанство, тие ќе ги повлечат нивните амандмани од Комисијата за финансирање и буџет за законите за петтиот пакет економски мерки. – Ние остануваме на она што го изјавивме претходно во рамки на дебатата за законот за државјанство. Штом ќе се повлечат амандманите кои го блокираа законот за државјанство и ние ќе ги повлекуваме нашите амандмани за петтиот економски пакет. Во моментот кога ќе бидат повлечени амандманите за државјанство, во тој момент ќе ги повлечеме и амандманите за петтиот економски пакет, рече Азири. ВМРО-ДПМНЕ, претходно, денеска соопшти дека ќе ги повлече своите амандмани што ги поднесе во Собранието за Предлог законот за државјанство. – Ние како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата… ќе ги повлечеме сите амандмани на Законот за државјанство се со цел конечно да се изгласа петтиот пакет на мерки за помош на граѓаните и стопанството, изјави координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Тој апелираше до парламентарното мнозинство веднаш да се одржат и да продолжат со работа матичните комисии каде се наоѓаат законите од петтиот пакет на мерки, а потоа во текот на денот или најдоцна утре да се одржат и пленарните седници на кои би се гласало по овие точки. Хелсиншкиот комитет за човекови права подготви правно мислење во однос на бездржавјанството, со осврт на Законот за државјанството, Законот за странците и Законот за неевидентираните лица во матичната книга на родените. -Државјанството на Република Северна Македонија согласно член 3 од Законот за државјанство се стекнува со:1) потекло; 2) раѓање на територијата на државата; 3) природување; и 4) меѓународни договори. Анализите покажуваат дека има две главни категории на лица кои живеат долги години во Северна Македонија но немаат статус на државјанство: 1) лица кои не го уредиле статусот по распадот на СФРЈ и 2) лица кои не се евидентирани во матичните книги на родени, стои во правното мислење. Воедно, се наведува дека во моментот постојат законски можности за стекнување на државјанство на двете засегнати категории. -Едноставно треба да се даде шанса на постојното законско регулирање. и до истекот на рокот на 05.06.2021 година предвиден во Законот за странците и до истекот на рокот на 30.06.2021 година предвиден во Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени (ЗНЛМКР). Се работи за временски период од три месеци во кој надлежни органи треба да покажат агилност и флексибилност во рамките кои ги пропишува законот, да воспостават предвидлива и воедначена пракса при што навремено ќе ги споделуваат сите релевантни информации до засегнатите лица и групи. Доколку и со примената на постојните законски одредби статусот на лицата без државјанство не се уреди, тогаш државата треба да изнајде решенија за нив, во согласност со меѓународните стандарди како и законодството и праксата на Европската Унија, стои во заклучокот од правното мислење на Хелсиншкиот комитет. Во понеделникот е направен е исчекор околу законот за државјанство на средбата на премиерот Зоран Заев со лидерите на опозициската коалиција Алтернатива и Алијанса за Албанците Африм Гаши и Зијадин Села. Тој исчекор, како што оцени премиерот, би значел и можност за одблокирање на законите во Собранието, пред се од петтиот пакет мерки за помош на бизнисите и граѓаните, на кои пратениците од оваа коалиција имаат поднесено амандмани. Премиерот Заев изрази очекување дека тоа ќе се случи во наредните денови. Заев по средбата во Собранието со Села и Африм Гаши, изјави дека имале успешен напредок и сериозен исчекор во разговорите, истакнувајќи дека до крајот на неделава на основа на анализата која експертите ќе ја направат, ќе може да се финишира законското решение за државјанствата. Тој рече дека на средбата биле споделени бројките колку граѓани немаат државјанство и притоа истакна дека станува збор за околу 2700 барања, од отприлика 3.200 граѓани, од кои 1500 кои не живеат тука. Лидерите на Алијанса за Албаниците и Алтернатива, посочија дека тие секогаш биле отворени да се најде решение. – Да, ќе се понуди едно решение кое потворно ќе биде објект на следната средба за да се претвори во текст каде ќе бидат предвидени неколку докази – свидетелство, фактура од сметка за струја и др., од кои доволно ќе биде да се исполни еден и по автоматизам на овие граѓани ќе треба да им се потврди државјанството. Важен е пристапот, рече Села. Африм Гаши од Алтернатива, во однос Законот за државјансво, рече дека се клучни две-три теми. Говорејќи на оваа тема координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми, ја повика албанската опозиција да биде конструктивна за да се изнајде заедничко решение во однос на законот за државјанство, со цел да се одблокира работата на Собранието и да се донесат законите за петтиот економски пакет финансиска помош. Коалицијата Алијанса за Албаните и Алтернатива во Собранието поднесе закон за државјанство, чии одредби што предвидуваа добивање државјанство со тројца сведоци, не беа прифатливи ниту за владејачката СДСМ, ниту пак за опозициските Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците од опозицијата поднесоа амандмани за да го закочат донесувањето на овој закон, во формата во која беше поднесен. По ова пратениците на албанската опозиција поднеса амандмани и блокираа повеќе закони, меѓу кои и оние за финансиска помош на граѓаните и бизнисот. Најавија дека ќе ги одблокираат законите тогаш кога ќе биде постигнат договор за законот за државјанство. нд/лв/

Остани поврзан