• среда, 25 декември 2024

Со Оперативниот план за вработување 2021 ќе бидат опфатени 10 279 лица

Со Оперативниот план за вработување 2021 ќе бидат опфатени 10 279 лица
Скопје, 3 март 2021 (МИА) - За Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година обезбедени се милијарда 516 милиони денари и со него ќе бидат опфатени 10 279 лица, информира денеска владиниот портпарол Душко Арсовски. Оперативниот план е разгледан и прифатен на вчерашната владина седница. Со него се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат создавање нови работни места, поддршка за креирање нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на право на парична помош од социјална заштита, како и поддршка на невработените лица на кои престанокот од работен однос е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради Ковид-19, односно од 11 март 2020 година. Во одговор на новинарско прашање дали државата ќе дава пари на приватниот сектор за вработување на други етнички заедници за да се исполни одреден процент во контекст на предизборното ветување на коалицискиот партнер ДУИ, Арсовски упати на принципите на кои почива спроведувањето на Оперативниот план. -Она што можеме да го кажеме како Влада е дека спроведувањето на Оперативниот план за активни мерки за вработување почива на неколку приници: принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор согласно принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна, или која било друга ранлива категорија граѓани во согласност со стандардите и практиките на ООН и Меѓународната организација на трудот. Значи, ништо надвор од тоа, рече Арсовски. Втор принцип, дополни, е справување со негативните ефекти и последици на пазарот на трудот и вработеноста предизвикани од пандемијата Ковид 19 и третиот исто така важен - поттикнување рамномерен регионален развој согалсно со податоците од Бирото за регионален развој и степенот на развиеноста на планските региони во РСМ. Оперативниот план 2021, посочи владиниот портпарол, содржи мерки за лицата кои се долго време надвор од пазарот на трудот.  Точно е, се предвидува и поддршка за работодавачи, но само доколку тоа значи обезбедување нови вработувања и раст на правните субјекти. -Субвенции и поддршка ќе добијат оние компании кои ќе вработуваат лица и според одредени критериуми. Изборот, целта, фокусот, се сите граѓани кои се засегнати со оваа мерка, а се подолго време надвор од работен процес, односно вработување, без разлика на етничка, полова, религиозна, расна или која било друга ранлива категорија граѓани согласно со меѓународните стандарди што веќе ги споменав, дополни Арсовски. На вчерашната владина седница, меѓу останатото, е разгледан и Планот и мерките за борба против корупција. Со Планот, како што рече Арсовски, се зајакнуваат капацитетите и се воспоставува синхронизиран систем за ефикасна функционалност на институциите во првите редови против корупцијата, за враќање на довербата во нив и за општество ослободено од корупција. лв/ац/  

Остани поврзан