Со највисоки државни почести во Вашингтон почна погребот на Џими Картер
- Со највисоки државни почести денеска, во 9 часот по локално време, во Вашингтон започна погребната церемонија на 39-от американски претседател, Џими Картер по што ќе следи втора богослужба и ќе биде погребан во неговиот роден град Плајнс, во сојузната држава Џорџија.
Вашингтон, 9 јануари 2025 (МИА) - Со највисоки државни почести денеска, во 9 часот по локално време, во Вашингтон започна погребната церемонија на 39-от американски претседател, Џими Картер по што ќе следи втора богослужба и ќе биде погребан во неговиот роден град Плајнс, во сојузната држава Џорџија.
Ковчегот со телото на Картер го напушти американскиот Капитол, со почесна стрелба од 21 пушка, а поворката потоа застана за време на изведбата на мелодијата „Hail to the Chief“, која е позната како лична химна на американскиот претседател, а го следи појавувањето на претседателот на многу јавни настани, пренесоа американските медиуми.
Бендот на американската морнарица продолжи да ја свири мелодијата додека ковчегот се носеше по скалите на Капитол, наредени од униформирани членови на Специјалната почесна гарда, од каде што ќе го однесат до Националната катедрала во Вашингтон.
Како што е најавено, државниот погреб ќе започне во 10 часот по локално време, на кој меѓу другите ќе присуствува и американскиот претседател Џо Бајден, по што телото на Картер ќе биде однесено во базата Ендрјус во Мериленд.
Посмртните останки на поранешниот претседател ќе бидат пренесени во Форт Мур, Џорџија, од каде поворката ќе замине за Плејнс, Џорџија, каде што ќе биде погребан на приватна церемонија.
Најавено е дека, покрај претседателот Бајден, на државниот погреб ќе се обратат и Џејсон Картер, најстариот внук на поранешниот претседател кој сега претседава со одборот на Центарот Картер и Стив Форд, внук на претседателот Џералд Форд.
Џими Картер, поранешниот фармер на кикирики, кој победи на претседателските избори по скандалот „Вотергејт“ и Виетнамската војна, потоа имаше бурно претседателство, а откако претрпе пораз својот живот по напуштањето на Белата куќа го мина како глобален хуманитарец. Почина на 29 декември, на 100-годишна возраст.
„Мојата вера бара од мене да правам се што можам, каде и да сум, кога и да можам, колку што можам, со што и да се обидам да променам“, рече еднаш Картер, кој исто така беше поморски офицер.сд/