• сабота, 27 јули 2024

Со најава за проширување и реконструкција на дел од градинката „Пеперутка 1“ во Драчево Ѓорѓиевски го честита Светскиот ден на децата

Со најава за проширување и реконструкција на дел од градинката  „Пеперутка 1“ во Драчево Ѓорѓиевски го честита Светскиот ден на децата

Скопје, 20 ноември 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, со денешната објава на Фејсбук со која ја информираше јавноста дека е распишан тендерот избор на најповолен изведувач за проект за проширување и реконструкција на дел од градинката „Пеперутка 1“ во Драчево, го честита 20 Ноември, Светскиот ден на децата.

Тој потенцираше дека најдобар начин да се одбележи празникот на децата е да се реализираат проекти кои значат унапредување на условите за најмладите.

Ѓорѓиевски во својата објава најави дека наскоро во дворот на објектот „Кокиче“, чиј капацитет неодамна беше проширен, започнува изградба на сосема нов дел, објект „Верверичка“, со што дополнително се зголемува бројот на слободни места во градинките. Наведе и дека Општина Кисела Вода во овие две години стави во функција две нови градинки, а реализираше и голем број на неинфраструктурни инвестиции, за кои се издвоија речиси 17 милиони денари.

- Сметам дека најдобар начин да се одбележи Светскиот ден на детето е преку реализација на проекти што ги унапредуваат условите за нашите најмлади жители, кои во Општина Кисела Вода секогаш имат приоритет. Оттука, сакам да го најавам отпочнувањето на проектот за проширување и реконструкција на дел од градинката „Пеперутка 1” во Драчево, конкретно делот на јаслите, каде 50-тина години не се извршени никакви реконструктивни зафати. Денес ги распишавме условите за избор на најповолен изведувач, по што ќе започнеме и со градежните зафати. Едновремено, во дворот на објектот „Кокиче”, чиј капацитет неодамна го проширивме за уште 90 дечиња, започнуваме со изградба на сосема нов објект „Верверичка”, истакна тој.

Ѓорѓиевски додаде дека остварувањето на правото на предучилишно образование, за него како градоначалник на Општина Кисела Вода, е стратешка определба на која интензивно работи.

- На почетокот на мојот мандат имавме наследена состојба од преку 400 деца на листите за чекање, а по сите наши проекти - ставањето во функција на две нови градинки, едната во Драчево и втората во Усје, проширувањето на капацитетите на неколку објекти, таа бројка на деца што чекаат место во градинка е двоцифрена. Тенденцијата на која сериозно работиме е листите за чекање воопшто да ги нема. Воедно, големи се инвестициите кои ги имаме во сите наши градинки, а кои не подразбираат инфраструктурни зафати, туку нивно опремување со дидактички материјали, мебел, опрема и слично и за кои Општина Кисела Вода во овие две години инвестираше околу 17 милиони денари, нагласи градоначалникот.

Како што истакна, сето ова говори за една посветена работа во насока на унапредување на условите и правата на најмладите, за кои овој предучилишен период е многу значаен и преставува темел во формирањето на личноста на секој поединец.  

 - Токму затоа, Општина Кисела Вода ќе продолжи секој ден да го дефинира како Ден на детето, надевајќи се дека овие наши заложби ќе допрат и до останатите и ќе ја подигнат свесноста околу важноста на ова прашање, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски по повод одбележувањето на Светскиот ден на детето. сан/нд/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан