• среда, 27 ноември 2024

Со марш од Влада до МОН студентите ќе ги бараат своите права

Со марш од Влада до МОН студентите ќе ги бараат своите права
Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) - Универзитетските студентски собранија при УКИМ, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип и движењето „Студентски отпор“ попладне од 17.30 часот, од Влада до Министерството за образование и наука, на марш обединето ќе ги бараат своите права.
УСС на УКИМ објави дека борбата на студентите е заедничка и дека само сплотени и заедно ќе успеат да ги заштитат нивните права и ќе ги исполнат нивните барања: издвојување средства од буџетот за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк и зголемување на сумата, изедначување на стипендиите, подигнување на квалитетот на образованието и дигитализација.
- Ве очекуваме во четврток, по повод Меѓународниот ден на студентите, со почеток во 17:30 часот, да излеземе сите заедно, сплотени на голем студентски марш, каде тргнувајќи од Влада па до МОН ќе го завршиме нашиот марш и јасно и гласно ќе ги искажеме нашите барања. Ги повикуваме сите кои се вклучени активно во образованието, меѓу кои средношколци, професори, декани и ректори да ни дадат поддршка и да се приклучат на маршот. Ајде сите заедно да се избориме за нашите студентски права и подобар студентски стандард, се наведува во објавата на УСС на УКИМ.
Претходно, во 13 часот, Клубот за младински прашања и политики во Парламентот ќе организира средба со Универзитетското студентско собрание чија цел е, како што изјави претседателот на УСС на УКИМ Славчо Темелковски за МИА, изработка на акциски план за подобрување на условите во студентските домови.
На средбата се очекува да присуствуваат директорите и претседателите на студентските домови и на сите универзитетски студентски собранија, пратеници, како и претставници на Министерството за образование и наука.хс/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан