• четврток, 26 декември 2024

Со изложба одбележани 30 години членство во Обединетите нации 1993-2023

Со изложба одбележани 30 години членство во Обединетите нации 1993-2023

Скопје, 6 април 2023 (МИА) - Во Министерството за надворешни работи денеска во ко-организација со Државниот архив и во соработка со Националниот координатор на ОН во Скопје, е отворена изложба по повод 30-годишнинтаа од членството на Република Северна Македонија во Обединетите Нации (8 април 2023).

На настанот, како што соопшти МНР, се обратила заменик министерката за надворешни работи Фатмире Исаки која ја истакнала важноста од членството на земјата во семејството на Обединетите нации. Таа нагласила дека Северна Македонија докажала дека со дипломатија и дијалог, со разбирање, толеранција и по пат на компромис, можат да се решат и најтешките прашања и да се придобијат нови пријатели и сојузници.

-Република Северна Македонија продолжува да ги развива односите со земјите членки на ООН и се залага за јакнење на ефективниот мултилатерализам, во функција на обезбедување мир, стабилност, развој на демократијата и човековите права, економски и социјален просперитет на регионално и глобално ниво. Како претседавач со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација, ги промовираме овие принципи кои суштински произлегуваат од Повелбата на ОН и чија реафирмација во актуелниот момент е попотребна од било кога порано. Го правиме тоа посветено и со уверување, бидејќи и самите знаеме што значи да се бориш за принципи, за правото на самоопределување, за меѓународно признание, истакнала Исаки.

Таа додала дека од прифаќањето на првата превентивна мисија на ОН до претседавањето со ОБСЕ, изминат е долг и мачен пат, исполнет со неизвесности и предизвици, но и со моменти на гордост и признанија.

-За сето време, не одржа пред се вербата во самите себе, вербата во нашите граѓани, во нашето право да постоиме и опстоиме. Верувавме и во принципите содржани во Повелбата на ОН и во неопходноста од дијалог, соработка и компромиси во решавањето на отворените прашања, рекла заменик министерката за надворешни работи. 

Директорот на Државниот архив, Емил Крстески посочил дека јубилејот бил поттик за Министерството за надворешни работи и Државниот архив заеднички да бидат носители на проектот-изложба, која денеска се презентира, а сведочи за едни бурни времиња за кои младите генерации треба да знаат.

-Самиот прием во Светската организација не е одненадеж, напротив, има сопствен развој на дипломатски и државнички активности. Авторите на изложбата ќе ве поведат низ патување во времето, во моментот кога Генералното собрание на Обединетите нации со акламација ја прифати нашата држава за 181. полноправна членка на Светската организација. Документите се основен извор на минатото, но исто така, и усните сеќавања на современиците на настаните се извонредно значајни, истакнал Крстески.

Пред гостите се обратила и Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Скопје, која подвлекла дека во светот кој континуирано ни создава предизвици на секој фронт, мултилатерализмот е под постојан тест. Таа навела и дека покрај сите предизвици, во сите донесени одлуки, без разлика колку е тешко и предизвикувачко, Северна Македонија никогаш не ја оспорила важноста на заедничката работа и тоа е нешто што мора да се препознае и да се слави.

-Затоа денеска, сакам да оддадам признание за активното учество на земјата во сите меѓународни тела, во сите комисии, во сите дискусии и во сите процеси на Обединетите нации. Северна Македонија континуирано демонстрира посветеност кон Агендата 2030, и покрај сите предизвици со кои се соочува. Земјата го финализираше својот прв доброволен Национален преглед во 2020 година за да го следи напредокот постигнат кон Агендата 2030, во многу тежок контекст, на самиот почеток на пандемијата на Ковид19, додала Дуџак.

На настанот присуствувале претставници на дипломатскиот кор во Северна Македонија, како и на државните институции.

Изложбата ќе биде отворена следните две недели во Музејот на македонската борба за самостојност, наведуваат од МНР. вг/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан