• недела, 24 ноември 2024

Со изложба на Дубравка Угрешиќ започнува 9. издание на КРИК – фестивал за критичка култура

Со изложба на Дубравка Угрешиќ започнува 9. издание на КРИК – фестивал за критичка култура

Скопје, 26 април 2024 (МИА) - Со отворањето на изложбата на писателката Дубравка Угрешиќ, „Црвеното училиште“, вечер во КСП Центар – Јадро почнува деветтото издание на КРИК – фестивалот за критичка култура, во организација на Контрапункт. На отворањето на изложбата ќе говорат Маја Бојаџиевска и Петар Милат.

КРИК 09, годинава се одржува во тематската рамка „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“.

Воедно, утре ќе биде организирано ексклузивно водење низ изложбата во 18:30 часот со Петар Милат од Мултимедијален институт, Загреб.

Изложбата ќе биде отворена до 9 мај, кога со почеток во 19:30 часот, ќе се одржи промоцијата на четири книги од Дубравка Угрешиќ, проследена со разговор.

За „Црвеното училиште“ на Дубравка Угрешиќ, се наведува дека на почетокот на војната во Југославија, во рацете на Угрешиќ случајно се нашол еден учебник, кој според годината на издавање лесно би можел да биде и нејзин. Пред писателката одненадеж искрснале два света – дамнешен, заборавен свет на учебникот – книгата за почетници, кој ветувал среќна иднина, и другиот, стварниот, кој таа иднина брутално ја оспорувал. Таа епизода, се додава, ја поттикнала Дубравка Угрешиќ на собирање на учебници, а резултира со низа дела и текстови кои се претставени на оваа изложба.

На прашањето со што точно се занимава во „Црвеното училиште“, Угрешиќ ќе рече дека сѐ што е на изложбата е рециклажа, постапка на очудување или зачудност, кои настојува да ги постигне со мали интервенции.

-Искрено, не знам. Вистина, не ми се страни поимите како appropriation art, intervention art, soc-art…своевремено, бев магепсана со концептот soc-art на уметниците Илја Кабаков, Александар Меламид, на писателот Лев Рубинштајн и други. Го открив и искривоколчениот аматеризам на Хенри Даргер, го сакам југословенскиот соц-артист Душан Оташевиќ, ги обожувам филмовите на Душан Макавеев, но мислам дека одговорот не треба да го бараме во таа насока. Јас никако не сум „уметница“, и сѐ што е на изложбата е рециклажа, постапка на очудување или зачудност, кои настојувам да ги постигнам со мали интервенции. Што се однесува до интервенциите и во нив користам училишни техники: повторување на мотивите, прецртување, истакнување, задскривање и слично. Кога велам дека сѐ е рециклажа, тоа пред сѐ, се однесува на материјалот со кој се служам. Нема ниту една моја реченица, ниту еден мој цртеж (бидејќи не сум уметница). Тоа, од денешна перспектива е археолошки материјал, а со тој вид археологија малку кој се занимава, вели Угрешиќ.

Посетителите на оваа изложба ќе ги воочат остатоците од минијатурното црвено училиште купени одамна во некоја амстердамска старинарница, како и мојата,. како што вели книжевницата, опсесивна(зло)употреба на петокраката ѕвезда и српот и чеканот.

-Од денот кога Хрватска е прогласена за независна држава, а од тогаш до денес поминаа точно триесет години, хрватското ментално и визуелно поле постепено го окупираа свастики, црни како бубашваби, во сите големини. Петокраките ѕвезди расфрлани низ моите „дребулии“ спаѓаат во компулзивен гест на еден губитник. Иако „црвената ѕвезда“ не беше мојот идеолошки беџ, ниту пак во моето детство нејзината присутност не беше нападна, сепак, како би можело да се заклучи, судејќи по моите дела, таа стана присутна. Црвената ѕвезда не е ниту одбрана ниту заштита, ниту пак политичка стратегија. Таа е оној тивок, но постојан аларм. Beeper. Црвената ѕвезда е тука за да се постави прашањето дали сите оние свастики – бубашваби навистина нѐ поплавија?“

Дубравка Угрешиќ (1949 – 2023) е авторка на книгите „Поза за проза“, „Штефица Цек во челустите на животот“, „Животот е бајка“, „Форсирање на романот-река“, „Музеј на безусловното предавство“, „Забрането читање“, „Министерство на болката“, „Никого нема дома“, „Тука нема ништо!“, „Нарилник за вештерки“. Живееше и работеше во Амстердам.

Изложбата е во организација и пријателско партнерство помеѓу загребскиот Мултимедијален институт и Контрапункт/Крик – фестивал за критичка култура. Се реализира во рамките на проектот „Периферни погледи“ (Periferal visions), соработнички проект на European Institute for Progressive Cultural Policies (Виена), Контрапункт (Скопје), kuda.org (Нови Сад), Културтрегер (Загреб), Маска (Љубљана), Мултимедијален институт (Загреб), а кофинансирано е од средствата на Европска унија – Креативна Европа.

Проектот е поддржан и од Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, Канцеларијата за здруженија на граѓани на Владата на Република Хрватска и Град Загреб.

КРИК Фестивал 09 е поддржан од AICS Tirana во рамките на „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), проект финансиран од Европската Унија кој има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание, наведуваат од Крик фестивалот. вг/мд/

Фото: КРИК – фестивал за критичка култура 

Остани поврзан