• сабота, 23 ноември 2024

Со изложбата „Ликовни блесоци“ почна одбележувањето на Денот на независноста во Кабинетот на Претседателот

Со изложбата „Ликовни блесоци“ почна одбележувањето на Денот на независноста во Кабинетот на Претседателот
Скопје, 7 септември 2021 (МИА) - По повод чествувањето на 30 години независна македонска држава, во организација на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија вечерва се одржа првиот од низата културни настани со кои се претставуваат значајните дела од богатата современа македонска културна ризница. Одбележувањето на 30-годишнината на независноста во Кабинетот на Претседателот е насловено „Слоеви на современоста – 30 години независност низ уметностите“ и преку него се нагласува клучната улога на културните и уметничките практики за демократизацијата и еманципаторските политики во општеството. Свечено беше отворена изложбата „Ликовни блесоци“ чијшто куратор е Маја Чанкуловска и се реализираше во соработка со Националната галерија на Република Северна Македонија, а вклучени се и дела од Музејот на современата уметност - Скопје, Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип, Министерството за култура и Кабинетот на Претседателот. Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека за Денот на независноста, избор од делата што се наоѓаат во кабинетот ќе бидат изложени на едно место и отворени за јавноста изразувајќи надеж дека тоа ќе мотивира повеќемина, особено од помладата генерација, да се заинтересираат за нивните дела и воопшто за македонската уметност.   -Иако навидум мала, ризницата на македонската ликовна уметност содржи значајни автори и дела во рамниште со најголемите светски имиња. Дел од тоа богатство е привремено сместено и во работните простори на многу институции, вклучително и во Кабинетот. Тоа, освен што е облагородување и естетизирање, претставува и начин за презентирање на големите македонски ликовни имиња пред гостите, посетителите и официјалните делегации и од дома и од странство, изјави Пендаровски. Во рамки на настанот се одвиваше и дигитална презентација подготвена од Јованка Попова, додека пак, уметникот Ѓорѓе Јовановиќ и студентките на Факултетот за ликовна уметност Евгенија Трајковска изработија слика – мурал којашто ќе биде донирана во хуманитарни цели. Изложени се дела од реномирани македонски ликовни уметници како Димитар Пандилов Аврамовски, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Љубомир Белогаски, Димитар Кондовски, Боро Митриќески, Мазев Петар, Глигор Чемерски, Драгутин Аврамовски-Гуте, Ристо Калчевски, сé до Ана Темкова, Родољуб Анастасов, Омер Калеши, информираат од Кабинет на претседателот. Изложбата е отворена за секој посетител со претходно пријавување на официјалната интернет страница на Претседателот.свс/са/

Остани поврзан