• четврток, 26 декември 2024

Со изградба на нов паркинг и улица се очекува растоварување на сообраќајниот метеж кај новиот Градски пазар во Делчево

Со изградба на нов паркинг и улица се очекува растоварување на сообраќајниот метеж кај новиот Градски пазар во Делчево

Делчево, 22 јули 2023 (МИА) - Големиот интерес за посета на новоизградениот градски пазар во Делчево и денеска предизвика сообраќаен метеж пред самиот пазар. Возачите подолг период реагираат за ваквата состојба  потенцирајќи дека најмногу ги погодува граѓаните кои користат такси услуги. 

-Реално на овие горештини, гужвата најмногу тешко ни паѓа. Не можеме да дојдеме лесно до местата обележани за паркинг за да можат граѓаните да ги користат нашите услуги. Ова е четврта недела како е отворен пазарот, а сликата со пренатрупаност на возила е главна карактеристика за овој период, вели таксист од Делчево.

За решавање на ваквата состојба од Општината пред пуштањето во употреба на новиот пазар, информираа дека ќе бидат изградени две улици, со кои сообраќајот и пристапот до пазарот ќе биде ,,растоварен" од потенцијалниот метеж.

-За непречена комуникација на сообраќај и пешаци кај новиот градски пазар, за оваа година, во Развојната програма планиравме инвестиција од 7,1 милион денари за изградба на две улици и тротоари во градскиот пазар. Градежните работи за изградба на паркинг и улици на локацијата на новиот градски пазар се во тек, а согласно со проектот ќе се изградат 3.500 квадратни метри паркинг и улица 6.1, со цел кружно сообраќајно поврзување. Вредноста на работите е околу 5 милиони денари, а средствата се обезбедени од општинскиот, информираа од Општината.

Во меѓувреме интересот на граѓаните за да купат производи по поевтини цени и на денешниот саботен пазарен ден беше голем. 

-Делчево има  најубав пазар во Македонија. Сите тезги се полни, според она што се гледа народот има многу пари, пазарува и не прашува за цена. Имаме и Бугари кои поради жешкото време денеска ги има во помал број, но кафеаните се преполни со Бугари, бидејки многу им се допаѓаат нашите ќебапчиња, вели посетител на пазарот. 

Денешниот пазарен ден помина со релативно ниски цени, граѓаните можеа да купат овошје по цени и од 30 денари за килограм, а меѓу најевтините производи беше бостанот кој се продаваше за цена од 10 до 15 денари за килограм. вс/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан