• недела, 24 ноември 2024

Со изведување на докази од обвинителството продолжи судењето за случајот „Плацеви на Водно“

Со изведување на докази од обвинителството продолжи судењето за случајот „Плацеви на Водно“
Скопје, 27 септември 2021 (МИА) - Со изведување на материјални докази од обвинителството денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Плацеви на Водно“ во кое првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство. Дел од доказите кои беа презентирани беа документи на англиски јазик и нивни преводи на македонски, а се однесуваа на основањето на фирмата Сирах Лимитед, потврди за сопственост на акции, како и известувања од повеќе банки. За дел од изведените докази, одбраната побара да бидат подетално прочитани тврдејќи дека истите се од голема важност за нив. Одбраната, при изведувањето на доказите, исто така, имаше забелешка дека не е презентирана ниту една нотарска заверка на англиската верзија на документот, на што обвинителката одговори дека се заверени само документите на македонски, не и на англиски. При изведувањето на доказите, на денешното рочиште, обвинителката повлече неколку докази потпишани од обвинетиот Јордан Камчев за кои изјави дека не се важни за предметот. Според обвинението за овој случај, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“. Претходно, на денешното рочиште бранителот на обвинетиот Јордан Камчев, адвокатот Еленко Миланов, до судот поднесе барање за изземање на обвинителката Лиле Стефанова, врз основа на поднесена кривична пријава на 24 септември која се однесува на постоење на основано сомнение за кривично дело несовесно работење во службата како и поднесување лажни докази. По што судот, по добивање на дописот со донесеното решение од Основната јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, со кое Барањето се одбива како неосновано, одлучи да ја продолжи расправата. Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова. ар/аа/

Остани поврзан