• четврток, 26 декември 2024

Со донација, прилепската библиотека ги зголемува фондот и читачките навики кај младите

Со донација, прилепската библиотека ги зголемува фондот и читачките навики кај младите

Прилеп, 8 ноември 2022 (МИА) - Прилепската градска библиотека „Борка Талески“ од денеска го зголеми фондот на книги, особено во одделот за деца. Прехрамбената индустрија „Витаминка“ донираше 1100 книги.

Според Душица Неделкоска, маркетинг координатор во „Витаминка“,  мотив за донацијата е да се зголемат читањето, љубовта спрема македонскиот јазик и литературата кај младите. Главно се лектирни изданија, но, има енциклопедии и бестселери.

- Како општествено одговорна компанија, „Витаминка“ денеска на библиотеката ѝ донираше 1100 книги. Во рамките на оваа донација влегуваат 150 наслови од разни автори, домашни и странски. Соработувавме со библиотеката за да знаеме кои книги и наслови да ги донираме, а се интересни и битни за младите читатели. Сакаме да ги развиеме духот и културата на читањето. Познато е дека прилепчани сакаат да читатат, па сакаме традицијата на читањето да продолжи со младите. Донацијата е во висина од 160 000 денари, изјави Неделкоска.

Симона Смоноска, шеф на маркетинг во прехранбената индустрија нагласува дека намерата е да се поттикне читачката култура.

- Сакаме да вложиме во едукацијата, во поттикнувањето на читачката култура, да ги натераме младите да читаат, да се едуцираат и да го видат светот низ страниците на книгата, а со тоа и да втемелиме трајни вредности, рече Симоноска.

Прилепската библиотека е со богат фонд од околу 140 000 библиотечни единици. Оваа донација е многу значајна, вели директорката на Библиотеката Моника Талеска, која се надева дека ова е поттик и за други да донирата книги.

-Имаме навистина исклучителни наслови и оваа донација е многу битна не само за збогатување на фондот на Библиотеката, туку и за зголемување на читачката култура, особено кај младите. Посебно е богат одделот со роднокрајна литература со делата на бројните писатели од Прилеп и Прилепско. Ако можеби тешко се создаваат навиките за читање кај возрасните, кај младите е лесно да им се всади љубовта кон пишаниот збор, кон јазикот и литературата, рече Талеска.

При донацијата на книгите, учениците од прилепските училишта рецитираа стихови од познати македонски автори, збогатувајќи ја програмата. Од Библиотеката велат дека настанот го посветуваат на грижата и негувањето на македонскиот јазик и на книжевноста.

Оваа е прва донација на компанијата за Библиотеката. Прилепската библиотека „Борка Талески“ постои 77 години. ем/сст/

Остани поврзан