• недела, 24 ноември 2024

Со доделување на наградите „Златен був“ ќе се затвори 11. Филозофски филмски фестивал

Со доделување на наградите „Златен був“ ќе се затвори 11. Филозофски филмски фестивал
Скопје, 3 јуни 2021 (МИА) - Со традиционалното доделување на наградите „Златен був“ вечер во 20:30 часот свечено ќе се затвори 11. Филозофски филмски фестивал. За наградите, како од публиката, така и од жирито, во конкуренција беа 26 филмови: пет во официјалната селекција на долгометражни филмови и 21 во официјалната селекција на краткометражни филмови.
Од Филозофски филмски фестивал информираат дека стручното жири во состав од Џон О‘Меларка (John Ó Maoilearca) – професор на Катедрата за критички и историски студии на Универзитетот Кингстон во Велика Британија и член на редакцијата на списанието Film-Philosophy, Снежана Младеновска Анѓелков (м-р по уметности од областа на филмската и телевизиската монтажа и наградуван писател) и Слаѓан Пенев (професор по филозофија и селектор на програмите Европски филмски перспективи и Земја во фокус при Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“) ќе го прогласи победникот во категоријата долгометражни филмови помеѓу „Атлантида“ (ATLANTIS) на украинскиот режисер Валентин Васјанович, најновиот филм на израелско-американскиот режисер Боаз Јакин - „Авива“ (AVIVA), грузискиот „Вдиши-издиши“ (INHALE-EXHALE) на режисерот Дито Ѕинѕадзе, „Ѕид“/ (WALL / WYCIECZKA) на полскиот режисер Бартош Груџиецки и „проблемот со природата“ (THE TROUBLE WITH NATURE) на данскиот режисер Илум Јакоби. Селектор на филмовите од долгометражната програма е професорот Кирил Трајчев, член на Организацискиот одбор на Фестивалот.
Во селекцијата на краткометражни филмови се натпреваруваат 21 филмско остварување од целиот свет:  канадскиот „Тука“ (Tu), киргистанскиот  „Лулашката“ (The Swing / Selkinchek) , мексиканскиот „Грлото на ѓаволот“ (The Devil’s Throat), францускиот „Квечерин“ (Nightfall / Retour À La Nuit), шведскиот „Саѓи врз снегот“ (Thaw), данскиот „IN MEDIAS RUSH“,  британските „Телото и името“ (The Body and The Name) и „Ненадејна светлина“ (Sudden Light), словенечкиот „Бик“ (Bik), перуанскиот „Тишината на реката“ (The Silence of the River / El Silencio del Río), грчкиот „Пола“ (Pola), португалскиот „Урсула“ (Ursula), две краткометражни филмски остварувања од Норвешка - „Риба“ (Fisk) и „Засегнатите“ (The Affected), францускиот „Пипо и слепата љубов“ (Pipo and Blind Love), египетскo – германската копродукција „Стапица“ (The Trap / Fakh), израелскиот „ПЕТ – СЕДУМ - ПЕТ“ (Five – Seven - Five), иранскиот филм „Сона“ (Sona), како и трите македонски краткометражни  филмови: „Прашливи цвеќиња“ (Dust Flowers) на Мирослав Илиќ, „Последната светлина“ (The Last Light) на Јован Саркањац и КАВАЛ (Kaval) на Саша Станишиќ.
Од Фестивалот посочуваат дека селекцијата на краткометражни филмови во оваа категорија ја направи селекторот д-р Дејан Здравков, а победникот ќе биде прогласен од стручното жири во состав: Златко Ѓелески, Глорија Морано (Gloria Morano) и Владимир Ѓуровиќ. Еден од краткометражните филмови ќе го добие и Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“, дебитантски/студентски филм или филм со социјално ангажирана тема, награда востановена за прв пат лани, во чест на проф. д-р Стефан Сидовски кој беше долгогодишен пријател на Фестивалот и дел од неговиот Организациски одбор последните години.
По прогласување на победничките филмови од стручните жирија, но и од публиката, Фестивалот официјално ќе биде затворен со проекцијата на шпанскиот филм „Хаотичната Ана“ (CAÓTICA ANA, 2007) на режисерот Хулио Медем (Julio Medem), во рамки на Ревијалната програма: филм-философија.
Премиерно прикажан на Филмскиот фестивал во Торонто, филмот е приказна-патување за време на четири години од животот на Ана, од 18 до 22 години.  Ана докажува дека не живее сама и дека нејзиното постоење е продолжение на други животи на млади жени коишто живеат во длабочините на нејзиното несвесно. На позадината од извонредниот, „ворлд мјузик“ инспириран саундтрак на Џоселин Пук (Jocelyn Pook), ова е хаосот на Ана, а Ана е и принцезата и монструмот на оваа феминистичка приказна која се бори против патријахалната тиранија.
„Ана (Manuela Vellés) е млада и убава 18-годишна девојка којашто живее на Ибица. Со својот слободен дух таа ја преточува страста за животот во уметнички дела. Еден ден, Хустин (Charlotte Rampling) ја поканува Ана да се придружи на комуна од млади уметници во Мадрид, нејзини штитеници. Ова е само почетокот на патувањето, не само физичко, коешто ќе ја понесе Ана да открие континенти, минати животи и далечни митови...“
Излагање за филмот „Хаотичната Ана“ ќе има проф. д-р Маја Мухиќ од Факултетот за јазици, култури и комуникација при Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово на тема „За Ана и мистиката на жената низ визуелната реторика на Хулио Медем“.
Инаку вчера, покрај последното, репризно прикажување на „Атлантида“ “Вдиши-издиши“ од официјалната селекција, во Летното кино „Мирно лето“ беше прикажан и францускиот филмски класик „Бети блу“ во соработка со Францускиот институт во Скопје и со онлајн воведното излагање на проф. д-р Џон О’Меларка од Универзитетот Кингстон во Лондон. фф/ац/

Остани поврзан