• вторник, 24 декември 2024

Со доделувањето на наградите во Прилеп заврши 56. МТФ „Војдан Чернодрински“

Со доделувањето на наградите во Прилеп заврши 56. МТФ „Војдан Чернодрински“
Прилеп, 10 јуни 2022 (МИА) - Со доделувањето на наградите на најдобрите и со претставата „Боливуд“ на театар Комедија во чест на наградените, во Прилеп синоќа е спуштена завесата на 56. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Статуетката на патронот на фестивалот, Војдан Чернодрински што се доделува на најдобрата претстава, на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“ прилепскиот градоначалник Борче Јовчески и ја врачи на претставата „Народен непријател“ на МНТ од Скопје. Претставата понесе уште три награди: за најдобар актер за Никола Ристаноски, за сценографија на Вишња Вујовиќ и за рекламен материјал на Димитар Димитров. Прифаќајќи ја наградата во името на ансамблот, режисерката на претставата Нина Николиќ ги пренесе и зборовите на актерот Ристановски кој оправдано беше отсутен. - Далеку сум за да ја споделам благодарноста лично. Не само што ја изразувам искрената благодарност кон укажаната чест, туку и огромната почит кон сите вас. Прилепската публика, театарската јавност и прилепскиот театар за мене остануваат феномен и огромна радост при секоја средба. Им благодарам на сите мои колеги со кои ја делиме сцената и на оние со кои допрва ќе го правиме тоа, ги пренесе зборовите на Никола Ристаноски, режисерката Нина Николиќ. Актерката Бедија Беговска која ја доби наградата за најдобра женска улога во претставата „Вишновата градина“ на турскиот театар нагласи дека фестивалската, прилепска публика е најдобрата, а актерите во уметноста на мигот се паметат додека се памети емоцијата која од сцената ѝ се пренесува на публиката. - Ние постоиме, всушност, онолку колку што ќе не запаметат, онолку колку што некому ќе му значи и ќе му пренесеме некоја емоција. Иако сум актерка, некои реплики на Ненад Стојановски и ден денес ги паметам. Ќе бидам среќна ако по тоа ме паметат и мене, изјави Беговска која годинава е и добитник на наградата за животно дело. Кендрим Ријани кој е добитник на наградата за најдобра режиуја на претставата на битолскиот театар „Артуро Уи“ рече дека оваа му е прва претстава што ја режира на македонски јазик, а наградата е на целиот ансамбл. - Иако на фестивалот сум третпат, ова е моја прва претстава на македонски јазик и сите пет награди се на целиот ансамбл. Лесно е да се биде режисер на театар кој е во „шампионската лига“, рече Ријани. За затворен Фестивалот го прогласи прилепскиот градоначалник Борче Јовчески. - Имавме прекрасни театарски денови. Ова е поздрав до следното, 57 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, рече Јовчески. Во чест на наградените, театар „Комедија“ ја изведе претставата „Боливуд“ во режија на Наташа Поплавска со што беше спуштена завесата на годинашниов 56. МТФ „Војдан Чернодрински“ кој од 3 до 9 јуни се одржуваше во Прилеп. Донесе 11 претстави, од кои 8 во конкуренцијата за награди како и промоции на театарска литература и книги. ем/сх/

Остани поврзан