• среда, 25 декември 2024

Со гала балетскиот концерт „Големиот Чајковски“ на Националната опера и балет отворено 61. издание на „Охридско лето“

Со гала балетскиот концерт „Големиот Чајковски“ на Националната опера и балет отворено 61. издание на „Охридско лето“
Охрид, 12 јули 2021 (МИА) – Со музичко-сценскиот спектакл „Големиот Чајковски“, сочинет од најубавите дела на рускиот композитор, а во изведба на уметниците од Националната опера и балет вечерва беше отворено годинашното 61. издание на „Охридско лето“ најголемата и најреномираната културна манифестација во земјата. Пред исполнетиот аудиториум на Античкиот театар, Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Во кусото обраќање, Пендаровски посочи дека парадоксот на убавината олицетворена во уметноста и во културата, е што таа е непресушен извор на надежта за подобар свет, дури и кога ги прикажува најголемите страдања, насилството кон немоќните или грдите лица на луѓето. - Автентичната уметност ни ја нуди надежта и како личен и како колективен феномен, нè поттикнува да ја бараме вистината и да ја прегрнеме добрината. Како критичар на сите апарати и системи на моќта, уметноста нѐ охрабрува да не се помируваме со злоупотребите и да не молчиме пред неправдите. Дури и кога е игнорирана или забранувана, уметноста си го пробива патот меѓу луѓето, меѓу народите, јазиците и културите, ширејќи го просторот за свет со почовечки лик, рече тој. Пендаровски уште истакна дека на светот за да не потоне во очај, му е неопходна убавината. - Таа, заедно со вистината што ослободува и со добрината што облагородува, може да ги помири луѓето, може да ја намали нивната болка, да ги поврзе генерациите и да му даде нова надеж на човештвото. А тоа ни е повеќе од потребно во секојдневието исполнето со сиви тонови, посочи Пендаровски. Министерката за култура Ирена Стефоска ја искористи можноста за од сцената да упати силна порака за важноста од заштитата на брендот што го носи Фестивалот, но и културното и природното богатство на регионот. - Ниту Охрид без „Охридско лето“ ниту „Охридско лето“ без Охрид. Магијата е взаемна како што е магичен и целиот регион. Доаѓајте со респект во Охрид, Охрид не е забавен парк, Посетете ја питомата Струга, Струга не е само уште еден град. Прошетајте ја Дебрца, Дебрца не е депонија. Искачете ја Галичица и напојте го погледот со убавина, Галичица не е само уште една планина. Охридското Езеро е редок дар, а не базен. Регионот е волшебство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце само на чување и затоа мора да ја сочуваме – не заради УНЕСКО, туку заради оставениот аманет кој е и наша обврска и наша чест, рече Стефоска. Пораката во име на уметниците што ќе настапуваат на годинашното фестивалско издание ја пренесе директорката на Националната опера и балет, Олга Панко. - Честа да се стои вечерва пред сите вас во име на сите уметници е огромна, исто како и одговорноста која секој од нас ја носи со секое застанување на сцена, секое движење и секој доживеан аплауз. Ние ја дишеме и живееме музиката, го дишеме и живееме танцот. Нашата порака ќе ви ја пренесеме онака како што најдобро знаеме – од сцената, која последнава година и половина премногу ни недостасува. Уште поголема е возбудата токму поради фактот што годинава токму ние, македонските уметници ќе го отвориме фестивалот Охридско лето. Македонските културни институции мора да се поддржуваат меѓу себе и ние вечерва ќе го покажеме токму тоа, како треба да се работи во име на уметноста, рече таа. Од вечерва се до 20 август на сцените на „Охридско лето“ ќе настапат повеќе од 500 уметници од 18 земји. Тие ќе бидат дел од магијата што уметноста ќе ја донесе во Охрид, со врвни концерти на познати светски имиња, со приоритет на македонски уметници кои имаат светска слава, национални оркестри и театарски куќи. Спој на еминентни домашни изведувачи кои заедно ќе настапат со светски познати имиња од уметноста, за потврда на Фестивалот „Охридско лето“ како еден од најголемите промотори и афирматори на врвната уметност. аб/бак/

Остани поврзан