• четврток, 26 декември 2024

Со воведниот збор на јужноафриканскиот министер за правда, почна процесот против Израел во Хаг

Со воведниот збор на јужноафриканскиот министер за правда, почна процесот против Израел во Хаг

Хаг, 11 јануари 2024 (МИА) - Јужноафриканскиот министер за правда Роналд Рамола го изнесе воведниот збор пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, со што почна процесот поведен од Јужноафриканската Република против Израел со кој се бара итен прекин на судирот во Газа. Тужбата од ЈАР содржи и обвиненија за геноцид извршен од страна на Израел врз Палестинците во Газа.

Во расправата која е во тек, ЈАР бара од Судот итно да дејствува „за да го заштити палестинскиот народ од понатамошна, сериозна и непоправлива штета според Конвенцијата за геноцид, која продолжува неказнето да се прекршува“.

„Подавајќи ги рацете кон народот на Палестина, ние го правиме тоа со целосна свест дека сме дел од човештвото. Ова беа зборовите на нашиот основачки претседател Нелсон Мандела, ова е духот во кој ЈАР пристапи кон Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид во 1998 година“, рече тој. - Насилството и уништувањето во Палестина и Израел не започнаа на 7 октомври 2023 година, потсети Ламола, пренесува РСЕ.

„Палестинците доживуваат систематско угнетување и насилство во изминатите 76 години, на 6 октомври 2023 година и секој ден од 7 октомври 2023 година“, рече тој.

Адила Хасим, која го застапува случајот на ЈАР, рече дека ова е „случај што ја нагласува самата суштина на нашата заедничка хуманост како што е изразена во преамбулата на Конвенцијата за геноцид“.

„Јужноафриканската Република тврди дека Израел го прекрши членот 2 од Конвенцијата со тоа што извршил дела кои потпаѓаат под дефиницијата за геноцид. Дејствата покажуваат систематски модели на однесување од кои може да се заклучи за геноцид“, додаде таа.

Од нападот на Хамас на 7 октомври во кој беа убиени најмалку 1.200 луѓе, во израелските напади загинаа повеќе од 23.000 Палестинци во Газа, според Министерството за здравство управувано од Хамас. Најголем дел од убиените Палестинци, односно 70 отсто, се жени и деца.

Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) процени дека 1,9 милиони луѓе се раселени поради војната во Газа, што е речиси 85 отсто од населението, додека десетици илјади згради се уништени.

„Делата и пропустите на Израел на кои се жали Јужноафриканската Република се од геноциден карактер бидејќи нивната намера е да доведат до уништување на значителен дел од палестинското население“, се наведува во писменото барање на Јужноафриканската Република судот да поведе постапка на дури 84 страници.

Случаите за геноцид, кои инаку тешко се докажуваат, може да траат со години, но Јужноафриканската Република бара од судот итно да спроведе „привремени мерки“ и „да му нареди на Израел да престане да убива и да предизвикува страдање и болка на палестинскиот народ во Газа. 

Барањето, исто така, повикува на прекин на ограничувањата за испорака на помош, како и забрана на израелските директиви за евакуација. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан