• петок, 27 декември 2024

Со Божествена литургија и литија Делчево ги слави заштитниците на градот „Св.Кирил и Методиј“

Со Божествена литургија и литија Делчево ги слави заштитниците на градот „Св.Кирил и Методиј“

Делчево, 24 мај 2024 (МИА) – Делчево денеска ги слави заштитниците на градот, светите браќа Св.Кирил и Методиј. По тој повод, преосвештениот епископ делчевско-каменички г. Марко чиноначалствуваше со божествената литургија во храмот посветен на сесловенските просветители Кирил и Методиј. 

– Светите браќа што ја составиле глаголицата од четириесет и една буква, ја составиле словенската азбука од триесет и осум букви, ја превеле Библијата. Заедно со нивните ученици-следбеници од тогаш, па до денес ги преведуваат црковните книги на македонски за да можеме ние денес полесно да го разбереме зборот Божји. Благодарение на нив македонскиот јазик бил, è и ќе остане темел на македонската држава, истакна епископ г.Марко. 

По завршувањето на литургијата на учесниците кои посетуваа црковни курсеви по англиски и германски јазик им додели благодарници, а подели и Евхаристија за здравје и благослов на верниците.

Настанот за одбележување на патроните на Делчево, продолжи со света литија која започна од храмот „Св.Кирил и Методиј“ во правец кон параклисот „Св.Климент Охридски", каде беше поделен славски колач за верниците, а беше доделена и благодарница за припадниците на ТППЕ Делчево за учество во литијата..

Во предвечерието на празникот посветен на сесловенските  просветители и учители светите браќа Кирил и Методиј,  епископот Делчевско - каменички г. Марко во сослужение на свештенослужители од епархијата отслужи вечерна во храмот „Свети Наум" во Делчево.

За време на вечерата ги благослови петолебијата, а на крајот одржа поучно слово за денешниот празник. Потоа на присутните верници им подели од благословените просфори. вс/ра/

Фото: МИА

 

Остани поврзан