• вторник, 20 јануари 2026

Сочувство од Грција до Шпанија за железничката несреќа

Сочувство од Грција до Шпанија за железничката несреќа

Атина, 19 јануари 2026 (МИА) – Пораки со сочувство и солидарност до Шпанија и шпанскиот народ за железничката несреќа, упатија грчкиот претседател, владиниот портпарол и грчкото МНР, додека во Грција се разбудија сеќавањата од железничката несреќата кај Темпи на крајот од февруари 2023 година кога животот го загубија 57 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот претседател Константинос Тасулас, испрати порака со сочувство во име на грчкиот народ и во свое име до кралот на Шпанија, Фелипе Шести.

- Со длабока тага бев информиран за трагичната железничка несреќа што се случи вчера во Шпанија, која резултираше со загуба на десетици човечки животи и повредување на многу други. Во име на Грција и на грчкиот народ, би сакал да ѝ изразам на Вашето височество, на народот на Шпанија и на семејствата на жртвите моето искрено сочувство и најдлабока солидарност. Нашите мисли се и со повредените, на кои им посакувам брзо и целосно закрепнување, напиша грчкиот претседател во телеграмата со сочувство.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис денешниот редовен брифинг со новинарите го започна изразувајќи солидарност за шпанскиот народ, сочувство до семејствата на жртвите и желба за закрепнување на повредените, а од Министерството за надворешни работи на Грција преку Икс изразија жалење и сочувство до Шпанија.

- Нашите мисли се со повредените и со сите погодени од оваа трагедија. Во овие тешки моменти, нашата земја стои солидарно со народот и Владата на Шпанија, напишаа од грчкото МНР.

Железничката несреќа во Шпанија ги разбуди сеќавањата во Грција од несреќата кај Темпи пред нешто помалку од три години кога при директен судир на товарен и патнички воз животот го загубија 57 лица, мнозинството студенти, а 85 лица беа повредени. ср/ми/

Фото: ЕПА

Остани поврзан