• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Социјалните работници побараа итни мерки за нивна заштита во Неготино 

Социјалните работници побараа итни мерки за нивна заштита во Неготино 

Неготино, 26 март 2025 (МИА) -  Социјални работници и денеска, како и вчера,  побараа итни мерки за нивна заштита во Неготино.  Барањата ги насочија кон Министерството за социјална политика, демографија и млади. Рекоа дека се загрижени од зголемените случаи на насилство врз вработените во центрите за социјална работа и тоа посебно по најновиот случај со напад на нивна колешка во Прилеп.

На собирот во Неготино беше кажано дека  итно се потребни системски промени за заштита на социјалните работници. Беше посочено дека  се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата работа за заштита на најранливите категории граѓани.

- Недостатокот на безбедносни мерки во институциите каде што работиме сериозно го загрозува не само нашето физичко здравје и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуваме, рече за МИА Павлинка Волканоска, водител на случај социјален работник.

Под итни законски мерки, бараат  законска заштита, донесување законски измени со кои нападот врз социјален работник ќе се третира како напад врз службено лице (напад, психички и физички, од внатрешни и надворешни субјекти). Физичко обезбедување, задолжително присуство на обезбедување во сите центри за социјална работа. Психосоцијална поддршка, обезбедување бесплатна психолошка поддршка за вработените кои биле изложени на насилство. Унапредување на условите за работа, подобрување на работните услови и зголемување на платите без условување со минат труд.  Построги санкции за насилниците, итно процесирање на сите случаи на напад врз социјални работници и соодветно санкционирање.

Беше изразено незадоволството и упатен повик на институционална одговорност.

- Очекуваме Министерството итно да реагира и да преземе конкретни мерки за заштита на социјалните работници, беше нагласено на собирот. свд/мд/


Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан