• сабота, 23 ноември 2024

Социјалните мрежи собираат лични податоци за корисниците и ги споделуваат со трети лица

Социјалните мрежи собираат лични податоци за корисниците и ги споделуваат со трети лица

Вашингтон, 20 септември 2024 (МИА) - Социјалните мрежи и видеоплатформите собираат огромни количини лични податоци на корисниците и ги споделуваат со широк опсег на трети лица, потврдува нов извештај на американската Федерална комисија за трговија (ФТЦ).

Извештајот, објавен вчера, ги разгледува практиките за собирање податоци на девет компании: „Фејсбук“, „Ватсап“, „Јутјуб“, „Дискорд“, „Редит“, „Х / Твитер“, „Амазон“, „Снеп“ и „Тикток“, меѓу јануари 2019 и 31 декември 2020 година. Наодите на ФТЦ ги потврдуваат долгогодишните сомнежи и наводи за „длабочината и широчината“ на практиките на „надзор на корисниците од голем обем“, пишува „Гардијан“.

ФТЦ му препорачува на Конгресот на САД да усвои федерални прописи за приватност врз основа на она што е документирано. Конкретно, агенцијата ги повикува законодавците да признаат дека деловните модели на многу од овие компании не прават доволно за да поттикнат делотворна саморегулација или да ги заштитат податоците на корисниците.

- Препознавањето на овој основен факт е важно и за спроведувачите и за креаторите на политиките, бидејќи секој напор да се ограничи или регулира тоа како овие компании собираат големи количини лични информации за луѓето ќе се коси со нивните деловни стимулации. Со цел да се создадат ефективни правила или решенија коишто го ограничуваат собирањето податоци, креаторите на политики ќе треба да се погрижат кршењето на законот да не е попрофитабилно од неговото почитување, рече претседателката на ФТЦ, Лина Кан.

Се препорачува, исто така, компаниите спомнати во извештајот да инвестираат во „ограничување на задржувањето и споделувањето податоци, ограничување на насоченото рекламирање и зајакнување на заштитата за тинејџерите“.

Овие компании собираат и демографски информации за корисниците: возраст, пол, јазик, но и податоци за приходите на домаќинствата, образованието, родителскиот и брачниот статус итн.

Во некои случаи, овие податоци се споделени со трети лица за што попрецизно насочени реклами и огласи.

Според ФТЦ, речиси сите компании соопштиле дека испраќаат лични податоци до автоматизирани системи, најчесто за опслужување на содржини и реклами. Од друга страна, скоро ниту една од нив „не понудила сеопфатно директно контролирање или откажување од користењето на податоците на корисниците со какви било алгоритми, аналитика на податоци или вештачка интелигенција“, се вели во извештајот.

Од компаниите велат дека е дури и невозможно да се состави комплетна листа со кого сѐ тие ги споделуваат туѓите лични податоци.

Сѐ на сѐ, ФТЦ ги нарекува овие практики - „ужасно несоодветни“, откривајќи дека некои компании не успеале да ги избришат информациите кога корисниците тоа го побарале. Дури и оние компании коишто навистина бришеле податоци - избришале само некои податоци, но не сите, се вели во извештајот.

- Тоа е најосновниот услов, рече Марио Трухиљо, адвокат. - Фактот што некои не го сториле тоа, дури и во услови на државни закони за приватност што го налагаат тоа, докажува дека е потребно посилна свест, особено кај самите потрошувачи.

Натаму, според наводите, ниту една компанија не пријавила практики за споделување податоци собрани за и од лица на 13 до 17 години, преку нејзините страници и апликации, поинаку од собирањето податоци за возрасните, иако податоците за малолетниците се почувствителни. Тоа секако значи уште помала заштитеност на малолетните корисници.  си/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан