• четврток, 26 декември 2024

Социјалистите до Мета доставија предлог Рама да биде мандатар на новата влада

Социјалистите до Мета доставија предлог Рама да биде мандатар на новата влада
Тирана, 4 септември 2021 (МИА) - Албанските социјалисти, како партија победничка на парламентарните избори, до шефот на државата Илир Мета денеска доставија предлог за мандатар на новата влада. - Врз основа на член 96 од Уставот, како победничка партија, на непосредните избори на 25 април, го предлагаме Еди Рама, за премиер, се наведува во предлогот потпишан од Таулант Бала, координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија. Согласно Уставот, шефот на државата мора да се произнесе пред конститутивната седница на законодавниот дом, закажана за 10 септември. Откако ќе го добие мандатот, Рама во рок 10 дена треба да ја достави до Собранието програмата за работа на владата, заедно со нејзиниот состав, по што Мета треба да потпише уредба за согласност за новите министри. Уставно право е на претседателот да не потпише уредба за некој од предложените министри. Претходно тоа се случи со Гент Цакај, кого Рама го прдложи за шеф на дипломатијата, но Мета не потпиша уредба, па Рама ја презеде и оваа функција, а Цакај беше овластен министер. Пред два дена, Рама ги соопшти имињата на 16. министри, а од нив 12 се жени. Ново стари министри се Олта Џачка, за Европа и надворешни работи, Огерта Манастирлиу, за здравство, Белинда Балуку, за инфраструктура, Нико Пелеши, за одбрана, Бледи Чучи, за внатрешни работи, Елва Маргарити, за култура и Евис Куши за образование. Нов министер за правда ќе биде Улси Мања, секторот финансии го презема Делинда Ибрахими, за земјоделство Фрида Крифца и Мирела Кумбаро за туризам. Ова на Рама ќе му биде трет мандат на чело на албанската извршна власт. вт/ми/

Остани поврзан