• сабота, 28 декември 2024

Социолози: Петнаесет години укажувавме на проблемите со наставата по социологија и граѓанско образование

Социолози: Петнаесет години укажувавме на проблемите со наставата по социологија и граѓанско образование
Скопје, 11 август 2022 (МИА) - Институтот за социологија при Филозофскиот факултет и Здружението на социолози на Република Македонија (ЗСМ) речиси 15 години на различни начини укажуваа на проблемите со наставата по социологија и граѓанско образование (средното образование и основно образование). Критички настроената „експертската јавност“ која редовно е поканувана на сите активности на ЗСМ по повод критикуваниот учебник по социологија од 2002 година, ниту еднаш не се појавила на стручните дебати за да ги аргументираат нивните ставови кои што ги пласира по социјалните медиуми. Ова се наведува во соопштението испратено до медиумите на Институтот за социологија и Здружението на социолозите на Република Македонија, по повод информациите во медиумите за повлекување на учебникот по социологија за втора година во средното образование. - Беа организирани јавни трибини, консултативни разговори и писмени обраќања до МОН, Бирото за развој на образованието (БРО) и до други релевантни инстанции со цел да се укаже на проблемите и новите потреби во реализацијата на образованието во оваа област. Веќе долго време во јавноста се води дискусија за учебникот по социологија за втора година на Реформираното гимназиско образование. Учебникот е објавен во 2002 година. Авторите во тој период користеле научна база на податоци од светската социолошка ризница, а за информациите кои се однесуваат за државава, тогаш сѐ уште во својата почетна развојна фаза, користеле анализи од домашни автори, статистички податоци или податоци од емпириски истражувања спроведени во нашата средина. Денес, по 20 години видлива е промената, не само во нашето општество, туку и во целиот свет, стои во соопштението. Отааму додаваат дека главната мисија на социологијата како наука е да ја проучи целината и законитостите на заедничкото живеење подготвувајќи ги луѓето да живеат во заедницата и да ја планираат својата иднина, наведувајќи дека учебникот по социологија од 2002, базиран на светски високо рангирана библиографија реално ги одразува состојбите на крајот на 90-те години (20 век) и почетокот на новиот милениум. - Авторите се свесни за големите промени во македонското општество што веројатно ја артикулира потребата од промена (но, не само на овој учебник). Меѓутоа, начинот на кој се артикулира оваа потреба не е инклузивен – спротивно на тоа. Тој е целосно ексклузивен од страна на МОН и со намера да ги дисквалификува авторите – без претходна консултација со нив, или размена на мислења за промените. МОН не комуницира соодветно со релевантните институции. Социологијата е наука, а не простор за акција на некои граѓански здруженија или на поединци кои не располагаат со значењето на поимите и категориите со кои оперира социологијата кои, и покрај промените во општеството, нивното дефинирање е константно (методичкиот аспект кој учебникот целосно го содржи). Тоа е оној сегмент од науката кој неа ја одвојува од идеологијата чија задача е да ги спроведе проектите на одредени општествени групи, наведуваат оттаму. Тие тврдат дека од 2008 година, во БРО нема советник за социологија и граѓанско образование/граѓанска култура, што сериозно се одразува врз квалитетот на наставата по овие наставни предмети. - Проблемот во врска со отсуството на советник станува позначаен со промената на нормативот за наставен кадар по граѓанско образование во средното стручно образование со што освен на социолозите ѝм овозможи да реализираат настава на историчари, филозофи и педагози, кадри на кои ѝм е неопходна дополнителна обука. Немањето советник кој ќе ја следи наставата по овие предмети влијаеше на унапредувањето на наставата и професионалниот развој на наставниците. Наставниците кои предаваат социологија постојано се обраќаат до Институт за социологија укажувајќи на потребата од семинари, обуки, методско - дидактичко усовршување, се истакнува во соопштението. Оттаму посочуваат дека на овие работни средби се анализирале наставните програми и биле донесени заклучоци (испратени до МОН во неколку наврати) во кои се изразува потребата од нивно ревидирање. Нагласуваат дека наставните програми не се променети речиси 20 години и реална е потребата од нивно прилагодување на брзите општествени промени – особено интензивни во транзициските општества. - За жал немаме информација од МОН за нивните активности и покрај обидите за воспоставување на потесна соработка меѓу Институтот за социологија и МОН. Се прашуваме која е експертската комисија која ќе донесува одлука за промените кои треба да се внесат во критикуваниот учебник доколку е заобиколен Институтот за социологија како најрелевантна институција, се наведува во соопштението. Министерството за образование и наука информира дека е формирана Комисија за давање предлог за повлекување од употреба на одобрениот учебник по Социологија за втора година гимназиско образование. Од МОН велат дека во законски рок од десет дена, Комисијата треба да го достави предлогот до министерот за образование и наука. Формирањето на комисијата следи по забелешките од јавноста, особено од стручната фела. нд/сп/ Фото: МИА архива

Остани поврзан