• недела, 24 ноември 2024

Граѓаните да бидат вклучени во локалната и националната енергетска стратегија за да се обезбеди праведна енергетска транзиција

Граѓаните да бидат вклучени во локалната и националната енергетска стратегија за да се обезбеди праведна енергетска транзиција

Скопје, 3 јуни 2024 (МИА) - Можностите и потребите за социјално праведна еколошка трансформација се во фокусот на четвртиот Социо-еколошки форум што денеска се одржува во Скопје во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“. 

- Целта на форумот е на едно место да ги собере прогресивните носители на одлуки, претставници на синдикати, младински лидери, невладини организации од Западен Балкан, но и од останатиот дел на Европа каде заедно ќе се продискутира за можностите и потребите за социјално праведна еколошка трансформација, а истовремено да се поддржи и одржлив економски развој ставајќи крај на сиромаштијата со фосилни горива како што е особено видлива во овој регион, истакна директорот на Фондацијата д-р Питер Хурелбринк.

Проектната менаџерка во Фондацијата Ивана Вучкова порача дека граѓаните мора да бидат вклучени во секоја локална или национална енергетска стратегија за да се обезбеди праведна енергетска транзиција како што е примерот со многу држави кои од фосилни горива преминале на обновливи горива, со инсталирање на големи електрани на ветер и Сонце што придонесува за праведна транзиција.

На првиот панел „Како да се обезбеди социјално праведна енергетска трансформација во ера на растечка сиромаштија и нееднаквости?“ учествуваа претседателот на Регулаторна комисија за енегетика, Марко Бислимовски, претставничката од Интернационалната унија на станари, Барбара Стинберген, како и градоначалникот на Тузла, Босна и Херцеговина, Зијад Лугавич.

Бислимовски истакна дека во изминативе две години ни се случува „македонско Елдрорадо“ на инвестиции, што практично е еден силен замаец во процесот на енергетската транзиција. За две и пол години, тој нагласи дека во земјава се изградени нови електрани од обновливи извори со вкупен инсталиран капацитет од 700 MW, што претставува раст од 25-30 отсто на инсталираниот капацитет воопшто кој досега сме го имале со што практично сме ја зајакнале енергетската независност.

- Воведувањето на дневна евтина тарифа од 13 до 15 часот е директен бенефит од Елдорадото на фотоволтаици што се случува во земјава. Поради историскиот рекорден намален увоз на струја од 30 на 2,75 проценти, како директен резултат на овие инвестиции во обновливи извори сега се анализира можноста да се прошири евтината дневна тарифа на уште еден дополнителен час, рече Бислимоски.

Стинберген рече дека во Северна Македонија 75 проценти од луѓето живеат со родителите до 30 - годишна возраст и оваа состојба мора да се промени.

-Во Швајцарија 70 отсто се станари, а само 30 проценти се сопственици, од земјата кадешто доаѓам јас 40 проценти имаат свои домови, а останатите 60 отсто изнајмуваат. Сметам дека е многу важно граѓаните да имаат избор како сакаат да живеат, не само со сопствеништво, туку и како закупец, но и во рамки на задруги. Потребна ни е промена кон социјална правичност и достапност, вистинскиот напредок доаѓа од социјалните движења. Во Северна Македонија повеќе од 75 отсто од луѓето живеат со своите родители до 30 годишна возраст, како таа младина да започне независен живот ако овој проблем не се надмине. Мора да најдеме јавно и достапно, па дури и социјално решение во овој систем на изнајмување, рече Стинберген.

 Градоначалникот на босанскиот град Тузла, Лугавич, пак, посочи дека енергетската и зелената транзиција во моментов е „ин“, а социо-еколошката трансформација ја започнале во 2011 година кадешто направиле повеќе работи.

-Во моментов ја кофинансираме изолацијата на јавните згради, околу 80 проценти од инвестицијата, така што сакаме да ги направиме јавните згради повеќе енергетски ефикасни. Исто така, лани аплициравме на УНДП проект со цел да инсталираме соларни електрани на административните згради на општината, се обидуваме да ги направиме нашите јавни компании повеќе енергетски ефикасни. Почнавме со промена на јавното осветлување и променивме 2500 лед светла во јавните области со што заштедивме околу 95 илјади енергија во текот на годината, информираше Лугавич.

На форумот, се предвидени уште пет панел дискусии на кои експерти од енергетиката, градоначалници, претставници од невладините организации и младински лидери ќе разговараат за потребите и можностите за социјално-праведна енергетска трансформација. вј/вг/

Фото: Социо-еколошки форум



 

Остани поврзан