• недела, 24 ноември 2024

Софија со нота ќе бара безбедност за Бугарите кои ќе дојдат во Скопје за годишнината од раѓањето на Делчев

Софија со нота ќе бара безбедност за Бугарите кои ќе дојдат во Скопје за годишнината од раѓањето на Делчев

Софија, 27 јануари 2023 (МИА) - Бугарското Министерство за надворешни работи ќе испрати нота до Скопје со барање да се гарантира безбедноста на Бугарите кои на 4 февруари ќе отпатуваат во Северна Македонија за одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, најави денеска шефот на бугарската дипломатија Николај Милков.

- Клучно во моментов е да се обезбеди спокојство за Бугарите таму. Сакаме да постигнеме деескалација на тензиите, додаде Милков.

Тој најави дека за таа цел ќе претстои и телефонски разговор меѓу премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев.

- Разговорот ќе биде со цел да се гарантира безбедноста на Бугарите таму, но и на оние кои ќе заминат на одбележување на денот на раѓањето на Гоце Делчев. Со нота ќе бараме од Република Северна Македонија да им обезбеди пристап на Бугарите кои ќе отпатуваат таму. Во минимален обем ќе има присуство и на претставници на Бугарската амбасада, изјави Милков, додавајќи дека проблем во сегашната ситуација е тоа што Бугарите и лицата со бугарско национално чувство во земјава „немаат доверба во основните институции“.

Тој нагласи и дека Бугарија нема да стави ново вето на европскиот пат на земјава, бидејќи, како што рече, тоа не е неопходно затоа што Северна Македонија „не ни почнала преговори“.

- Има јасен критериум. Кога Бугарите ќе бидат вклучени во Уставот - почнуваат преговорите. Тогаш веќе можеме да размислуваме до кој степен ги исполнуваат критериумите. Во моментов тоа не е потребно. Тие имаат јасен услов, тоа е европски услов, ратификуван од нашиот Парламент и прифатен од нивниот Парламент како услов. Можеби затоа што гледаат што произлегува од тие услови, затоа сега таму се создаваат овие тензии, изјави Милков.

Во однос на најавите за забрана за влез во земјава на еден пратеник во Европскиот парламент и неколку други лица од Бугарија, Милков изјави дека доколку се случи такво нешто, тоа би претставувало настан без преседан од повеќе причини.

- Не ми е познато дека досега две земји членки на ЕУ меѓусебно си прогласиле поединци за персона нон грата. Забрана за влез на европратеници во земја кандидат ми изгледа нелогична, додаде Милков. сп/ац/

Остани поврзан