• петок, 27 декември 2024

Состанок на Управувачки комитет за справување со кризи: ЦУК и ДЗС да се спојат под една команда и да се формира специјална единица

Состанок на Управувачки комитет за справување со кризи: ЦУК и ДЗС да се спојат под една команда и да се формира специјална единица

Скопје, 24 јули 2024 (МИА) – Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи претпладнево на состанок донел одлука да и препорача на Владата итно да донесе одлука за реорганизација на целокупниот систем за соодветно да се справи со секоја криза која би настанала во земјава. На состанокот комитетот ја утврдуваше состојбата за досегашното справување со пожарите ширум земјава со кој раководеше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

Тошковски посочи дека донесена е одлука за реоганизација на целокупниот систем за соодветно справување со секоја криза што би настанала во земјава, како и навремено и соодветно реагирање од страна на ЈП „Национални шуми“, за кое рече дека е во катастрофална состојба.

– Факт е дека и ЦУК и сите останати институции делуваат во рамки на оние капацитети коишто сме ги наследиле, но факт е дека тоа е несоодветно и особено не навремено согласно потребите. Мораме системот суштински да го реформираме за догодина повторно да не нѐ снајде истото кое што нѐ снајде оваа година и нѐ снаоѓаше наназад многу години. Тоа е првата одлука којашто беше донесена на Управувачкиот комитет. Втората одлука се однесува токму на навремено и соодветно реагирање од страна на ЈП „Национални шуми“ кое што знаете дека е во катастрофална состојба и тоа во насока на обезбедување на 15 тони гориво од страна на резервите коишто ги има државата се со цел да можат истите навремено да помогнат во рамки на целокупната кризна состојба која што ќе настане со пожарите, рече Тошковски.

Посочи дека се размислува во насока на создавање на едно тело, односно спојување на ЦУК и ДЗС под една команда, како и формирање на специјална единица.

– Факт е дека треба да се реорганизираме суштински во насока на соодветна реакција за ваква кризна состојба. Се размислува во насока да се создаде едно тело во иднина кое што ќе ги има и капацитетите материјални и човечки капацитети да одговори соодветно на вакви кризни состојби. Тоа би било едно од можните системски решенија, посочи Тошковски.

Од страна на МВР, додаде, оформена е оперативна акција „Пожар 2024“, во која што се вклучени сите Сектори за внатрешни работи во земјава, бидејќи, како што рече, факт е дека најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор.

– Досега имаме двајца осомничени за два конкретни кривично-правни настани и се преземени соодветни процесни чекори од аспект на утврдување на вистината и процесиуирање понатака до надлежни органи. Сакам да упатам апел до секој еден македонски граѓанин доколку е во ситуација да увиди дека постојат сомнежи за какво било незаконито делување од кој било навремено да информира, полицијата навремено ќе одговори и ќе ги преземеме жестоко сите оние чекори коишто се потребни се со цел да може секој еден којшто ќе се огреши во овој дел особено да одговара, рече министерот.

На состанокот присутни беа директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, министерот за здравство Арбен Таравари, како и министрите за одбрана и земјоделие, Владо Мисајловски и Цветан Трипуновски, како и директорот на „Национални шуми“ Здравко Трајанов. ра/ев/

Фото: МИА

 

Остани поврзан