• вторник, 24 декември 2024

Состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика

Состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) -  Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика денеска одржала 15-ти состанок на кој, како што информира Министерството за образование и наука, се дискутирало за активностите насочени кон остварување на целите од Реформската агенда 2025 – 2027.

Елена Ивановска, државен секретар во МОН, истакнала дека меѓу клучните приоритети на кои во моментов е фокусирано Министерството е оптимизација на училишната мрежа и подобрување на инфраструктурните услови, воведување едносменско работење и продолжен престој за учениците, нови наставни програми и учебници, дигитализација и обезбедување повисоки плати за наставниците. 

-Во моментов реализираме 36 капитални инвестиции и 40-ина помали санации во училишни објекти. На ова ќе го надоврзам и процесот на оптимизација на училишната мрежа кој го спроведуваме заедно со УНИЦЕФ, Светската банка и локалните самоуправи, со цел рационално искористување на расположливите материјални и човечки ресурси, соопштила Ивановска.

Таа нагласила дека МОН се залага за воведување едносменска настава во сите училишта, затоа што „докажано дава позитивни ефекти, а новото раководство има интенција преку продолжен престој, со повеќе наставни и воннаставни активности, да овозможи учениците да минуваат подолго време на училиште. Притоа посочила дека децата на 15-годишна возраст во државава имаат 900 часови помалку од европскиот просек.

-Приоритет е и унапредувањето на законската регулатива заради повеќе права и можности за македонските ученици и студенти, но и за градење мирна и хармонична средина во која ќе нема место за насилство и дискриминација по ниеден основ. Шест законски решенија го минаа филтерот на јавноста, а уште толку нацрт верзии на други закони ќе бидат дадени на јавна расправа во многу скоро време, информирала Ивановска.

Платите на наставниците во училиштата, како што посочила, во следните четири години ќе се зголемат до 60 отсто, додека професорите во високото образование веќе од следната година добиваат 30 отсто повисоки плати.

-Ивановска рече дека е почната темелна реформа на гимназиското образование, додека средното стручно образование дополнително се зајакнува со основање осум регионални центри за стручно образование и обука, од кои пет се веќе формирани. Посочи и дека се интензивира процесот на дигитализација на образованието и постапките за остварување на права во оваа област. Изразувајќи благодарност до сите кои помагаат во заложбите за поквалитетен образовен систем, Ивановска рече дека очекува добрата соработка со другите институции, како и со граѓанскиот сектор, да продолжи и понатаму, во интерес на севкупен напредок на државата, соопшти МОН. 

На состанокот на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика, кој се одржал во Владата, покрај претставници на државните институции, учествувале и претставници на повеќе граѓански организации. хс/ цр

Фото: Министерство за образование и наука

Остани поврзан