Состанок на Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација ЕУ-Црна Гора
- Како што соопшти Европскиот парламент, на состанокот ќе се расправа за односите меѓу ЕУ и Црна Гора, со посебен акцент на текот на преговорите за членство во Унијата, како и за црногорската Реформска агенда во рамки на Планот за раст на Западниот Балкан, со фокус на реформите во сферата на владеењето на правото и изборните процеси.

Стразбур, 2 април 2025 (МИА) - Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација на Европската Унија - Црна Гора денеска и утре во Стразбур ќе го одржи својот 23-ти состанок.
Како што соопшти Европскиот парламент, на состанокот ќе се расправа за односите меѓу ЕУ и Црна Гора, со посебен акцент на текот на преговорите за членство во Унијата, како и за црногорската Реформска агенда во рамки на Планот за раст на Западниот Балкан, со фокус на реформите во сферата на владеењето на правото и изборните процеси.
Членовите на Комитетот ќе се осврнат и на безбедноста и соработката во реонот на Медитеранот, како и на развојот на одржливиот туризам како економски двигател.
На состанокот ќе се обратат и црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ и претставници на полското претседателство со ЕУ, на Европската комисија и на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Со состанокот на Комитетот ќе копретседаваат претседателите на делегациите на Европскиот парламент и на црногорското Собрание, Томас Вајц и Дејан Ѓуровиќ.
Претходниот состанок на Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација ЕУ-Црна Гора се одржа во октомври минатата година во Подгорица. сп/
Фото: МИА Архива