• недела, 29 декември 2024

Состанок на лидерите од Процесот Брдо-Бриони утре во Скопје

Состанок на лидерите од Процесот Брдо-Бриони утре во Скопје

Скопје, 10 септември 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски, утре во Скопје ќе биде домаќин на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони. На состанокот, како што е најавено, ќе учествуваат претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ и претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар, во улога на ко-домаќини, како и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи Садриу, претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и членовите на претседателството на Босна и Херцеговина: Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.

Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје се европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите. 

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ.

Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони се состануваат најмалку еднаш годишно.

На состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, кој ќе се одржи во хотелот „Хилтон“ во Скопје, се акредитирани 125 претставници на медиумите, 72 од нашата држава и 53 од странство. аа/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан