• петок, 20 декември 2024

Состанок на израелскиот воен кабинет по преговорите за примирје во Париз

Состанок на израелскиот воен кабинет по преговорите за примирје во Париз

Ерусалим, 24 февруари 2024 (МИА) – Воениот кабинет на Израел вечерва има состанок, по враќањето на делегацијата од Париз каде што се разговараше за нов договор за прекин на огнот во војната против палестинското движење Хамас во Газа, изјави советник на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Израелска делегација, предводена од шефот на Мосад, Давид Барнеа, отпатува за Париз за да го претстави проектот за прекин на огнот за кој се разговараше на крајот на јануари во француската престолнина, со нивните американски и египетски колеги и катарскиот премиер.

- Делегацијата се врати од Париз, веројатно има простор да се придвижи кон договор, изјави советникот на премиерот за национална безбедност Цачи Ханегби.

Делегацијата побара воениот кабинет да биде информиран за резултатите од разговорите, додаде тој.

Делегацијата отиде да ги претстави условите на Израел, а тоа беа ослободување на сите заложници, почнувајќи од жените. Тие додаваат дека „договорот не значи крај на војната“.

Кон крајот на ноември, првото еднонеделно примирје договорено со посредство на Катар, Египет и САД доведе до ослободување на повеќе од 100 заложници на Хамас, во замена за 240 Палестинци кои беа во затвори во Израел.

Војната почна на 7 октомври со напад на терористи на Хамас од Газа во Израел, при што загинаа повеќе од 1.160 луѓе, главно израелски цивили.

Хамас и неговите сојузници тој ден киднапираа 250 луѓе, од кои 130 се уште се во рацете на исламистичкото движење и неговите сојузници, на непозната локација во Газа.

Како одмазда за нападот на 7 октомври, Израел вети дека ќе го „уништи“ Хамас, кој владее со Појасот Газа од 2007 година, и почна офанзива во која, според Министерството за здравство на Газа, загинаа повеќе од 29.600 луѓе. јт/

Фото: ЕПА архива

Остани поврзан