• четврток, 26 декември 2024

Состанок на експертски тим за охридското крајбрежје во Струга

Состанок на експертски тим за охридското крајбрежје во Струга

Струга, 5 октомври 2023 (МИА) – Мешовитиот експертски тим од Обединетите нации, УНЕСКО, УНДП, УНЕП и Северна Македонија за изработка на Студијата за оправданост за урбанистичкиот план за крајбрежниот појас на Охридското Езеро денеска имал работен состанок со градоначалникот на Општина Струга Рамис Мерко.

Предводник на тимот, како што соопшти Општина Струга, била Џејн Томсон, експерт поддржан од УНЕСКО, а покрај струшкиот градоначалник учествувале и неговите соработници од областа на урбанизмот, заштитата на природната средина, културното наследство и туризмот, како и локалниот економски развој.

- Целта на овој работен состанок беше подетално запознавање на главните заинтересирани страни со процесот на подготовка на Студијата и примена на GIS алатка за прибирање, презентирање и управување со податоците во рамките на природното и културно наследство на Охридскиот регион, информира општинската прес-служба.

Состанокот, како што е наведено, се засновал на иницијативата на работната група за подготовка на урбанистички план од државно значење за крајбрежниот појас на Охридското Езеро, формирана од Владата на Република Северна Македонија,

- Со најголемо задоволство мора да истакнеме дека претставниците на овој мешовит експертски тим од домашен и меѓународен карактер е единствениот кој организирал ваков работен состанок во Струга, тим кој сериозно и со најголемо внимание ги слушнал нашите барања и потреби, кој реално ја оценил целокупната состојба со Охридскиот регион, и за делот од Струга, но и тим кој вистински ги дава на располагање сите свои човечки ресурси за успешна изработка и реализација на студијата за урбанистичките планови за крајбрежјето на Охридското Езеро, посочува Општина Струга.

Оттаму обвинуваат дека најголем дел од проблемите и тешкотиите во Охридскиот регион произлегле од Општината Охрид и нејзините раководители, кои, како што е наведено, постојано, преку платени медиуми, организации и лобисти, ја напаѓале Општина Струга за секаков аспект во секое време и место, без никакви аргументи. сс/ир

Фото: Општина Струга

Остани поврзан