• среда, 25 декември 2024

Сослушани вешти лица за случајот „Софтвери“, судењето продолжува на 22 февруари

Сослушани вешти лица за случајот „Софтвери“, судењето продолжува на 22 февруари
 
 
Скопје, 9 февруари 2023 (МИА) - Судењето за случајот „Софтвери“ во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, продолжува на 22 февруари, откако во Основниот Кривичен суд Скопје на предлог на одбраната денеска сведочеа вешти лица.
 
Сослушани беа вештите лица Милица Шутова, вешто лице од областа на интелектуална сопственост, и од вештото лице Ристо Котев од област на материјално, сметководствено и финансиско работење.
 
Тие одговараа на прашања поставени од обвинетиот Драги Рашковски и обвинителката Ивана Трајчева, а се однесуваа на јавните набавки за кои обвинетиот се товари за „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”.
 
Во вториот дел од рочиштето вештото лице Ристо Котев сведочеше околу договорите кои Владата ги имала потпишано со дел од обвинетите со што посочи дека сите договорени обврски биле соодветно формално документирани. Потоа обвинетиот Драги Рашковски го испитуваше во врска со изворите за купување на имотот во Побожје.
 
- За купување на имот во Побожје, според ова што го имам, најверојатно е користен кредит кој што е добиен од Халк Банка и уплата на средства, прилив од Рашковска Коцева Александра од Словенија, рече тој.
 
Прашан дали освен овие два финансиски износи, Драги Рашковски има земено позајмици од други лица, одговори да и појасни за какви позајмици станува збор.
 
Потоа беше детално образложена трансакциската сметка на обвинетиот Драги Рашковски, анкетниот лист со пријавената имотна состојба како и имотот на неговите роднини.
 
При вкрстеното испрашување на јавната обвинителка беше утврдено дека во времето кога е донесен планот за јавни набавки биле предвидени помалку парични средства од оние кои биле наведени во самата одлука за оваа јавна набавка.
 
Обвинителката испитуваше во однос на тоа дали вештото лице при изготвувањето на вештиот наод и мислење се сретнало со документ од Влада на РСМ во кој се опишани фазите на реализацијата на набавката, како и документ со кој се одобрува пуштање во употреба на ваквиот софтвер, на што вештото одговори лице дека не се сретнало, како и за други конкретни наоди и на што се темелат истите.
 
Според обвинението, првообвинетиот не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
 
Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”, а лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување”. Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева. Судењето продолжува на 22 февруари. ар/дма/

Остани поврзан