• четврток, 26 декември 2024

Сослушани вештак и сведоци на обвинителство за случајот „Друмарина“

Сослушани вештак и сведоци на обвинителство за случајот „Друмарина“
Скопје, 4 март 2021 (МИА) - Судењето за случајот „Друмарина“, во кој поранешната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, се сомничи за измама со фискални сметки од патарина, која го чинела Собранието околу 100.000 евра, продолжи денеска со сослушување на двајца сведоци и едно вешто лице предложени од Обвинителството. На прашањето од обвинителот, сведокот Љупчо Стружанчев, вработен како самостоен референт во секторот за финансиски прашања во Собранието на Република Северна Македонија, рече дека, меѓу другото, бил ангажиран и како возач при што возел и пратеници помеѓу кои и обвинетата Бонева. Сведокот појасни дека ја превезувал пратеничката на повеќе дестинации, како што се хотелот Александар Палас и повеќе странски амбасади каде што одржувале приеми. Но, ги кажа и местата каде што ја оставал потоа. - Јас колку што се сеќавам најчесто госпоѓата Бонева се симнуваше кај Макпетрол Авто Македонија, тука, тој потег, после тоа мислам дека таа улица се вика „50-та Дивизија“, тоа е едносмерната улицата каде што излегува од Клинички центар и се спојува со Булеварот на Водњанска и третото место каде што сум ја оставал е спроти Министерството за внатрешни работи, истакна сведокот. На прашањето од обвинителот од прилика во кој период од денот се случувало ова, тој одговори дека обично околу 18 часот се тргнувало на средбите и траеле некаде до 21 часот. На прашањето од бранителот на Бонева, дека покрај неа тој возел и други пратеници сведокот потврди дека превезувал и друго пратеници кои не се од Скопје, а ги оставал на локации во главниот град. Сведокот беше испрашуван од Бонева, која пак за него рече дека сака да се запише во записникот дека таа и Стружанчев имале нарушени односи, односно, таа имала покренато постапка против него која, како што рече, завршила неповолно за овој сведок. Вториот сведок вработен во Собранието на Република Северна Македонија како референт доставувач на пошта, исто така, потврди дека и тој превезувал пратеници, меѓу кои и обвинетата Бонева, а како локации каде ја оставал после настаните ги наведе дирекцијата на Макпетрол и еднаш, двапати ја оставил спроти главниот влез на МВР. Вештото лице Кире Костов, кој последен беше сослушан на денешното рочиште кој е овластен вештак од област на материјално, сметководствено и финансиско работење, рече дека според изготвеното вештачење по наредбата на СЈО утврдил дека вкупниот број на фискални сметки изнесува 2932 сметки. Одбраната посочи дека вештото лице има констатирано дека на сите патни налози нема потписи во делот на потпис на ликвидатор и потпис на раководител на сметководство, со што праша дали ова значи дека државните институции при вакви исплати се должни да постапуваат по одредени правила, на што вештото лице одговори потврдно. Одбраната потоа праша, имајќи предвид дека вештото лице има увид во документацијата, дали истиот смета дека исплатите на патните налози се вршени според Правилникот за сметковдството за буџетите и буџетските корисници, согласно член 14 став 1,3 и 4. На што сведокот одговори дека не може да дава претпоставено мислење за ставот на институцијата дека исплатата била извршена врз основа на целосна или валидна документација или нецелосна документација. - Јас само констатирав дека на налогот за службени патувања, врз основа на кои се вршени исплатите недостасуваат потписи на ознаките за раководител на сметководство и ликвидатор. Дали тие налози за службени патувања некој ги контролирал во Собрание или не ги контролирал и во конкретниов случај, не ставил потпис на предвидените ознаки за таа намена, јас не можам да одговорам, кажа вештото лице. На прашањето во делот од вештачењето кој се однесува на употреба на банкоматите од подигнување на парични средства на Стопанска банка, одбраната посочи дека вештакот во вештачењето навел дека сите пари што се подигнати од сметката на Бонева преку банкоматите биле подигани од Бонева. Меѓутоа, тие посочија дека вештакот нема утврдено колку од парите подигнати во готово од банкоматите од сметката на Бонева се подигнати од Александар Бонев, кој бил овластен, со неговата картичка, а колку со картичката на Силвана Бонева. - Јас во моето вештачење никаде не тврдам дека сите парични средства се подигнати од Силвана Бонева. Моите констатации во однос на ова прашање се врз основа на листинзите за финансиските трансакции преку автомати(АТМ) апарати од Стопанска банка АД Скопје, одговори сведокот и дополни дека за паричните средства подигнати во готово на шалтерите на банката постојат исплатени листи на лицето кое ги подигало парите. Бонева која што пред судот и вештакот приложи неколку конкретни патни налози со прикачени фискални сметки за кои, според неа, се утврдило дека не се совпаѓаат датумите, праша дали ова значи дека ако патните налози биле контролирани од овластените лица, ќе се извршела ли исплата на патен налог со погрешно прикачени фискални сметки од друг ден и друг месец. На што вештото лице одговори негативно. Обвинетата приложи уште неколку примери во кои, според неа, имало временски несовпаѓања. На ова вештакот одговори дека фискалните сметки во кои не се совпаѓаат датумите ги констатира во вештачењето врз основа на доказите кои што ги имал на увид во смисла, час на гласање, завршување на гласање, седници на комисиите на Собранието на кои не се евидентира часот на гласање, туку само часот на почеток на седница. Судењето во овој случај го води судијата Марин Станевски, а обвинението е застапено од обвинител Артан Ајро. ар/бк/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан