• сабота, 23 ноември 2024

Соседското третолигашко фудбалско дерби во Делчево прогласено за натпревар под висок ризик

Соседското третолигашко фудбалско дерби во Делчево прогласено за натпревар под висок ризик

Делчево, 10 ноември 2024 (МИА) - Соседското третолигашко фудбалско дерби помеѓу екипите на Брегалница Делчево и Малеш од Берово е прогласено за натпревар од висок ризик. Натпреварот се игра денес во 13 часот на градскиот стадион во Делчево, а од домашниот табор велат дека нема потреба за такви нешто бидејќи отсекогаш двете екипи негувале братски односи.  

- Не гледаме причини зошто овој натпревар да биде натпревар од висок ризик, бидејќи со ФК Малеш имаме одлична соработка, минатата сезона им дадовме пет играчи на позајмица, на секој меѓусебен натпревар навиваме заедно, навиваме братски, навивачи на двете екипи и сите љубители на фудбалот седиме заедно на трибината и заедно навиваме, истакнаа од домашниот табор на делчевска Брегалница.

Гостинските навивачи, кои претходно најавија дека ќе дојдат организирано со два автобуси како што додадоа од ФК Брегалница Делчево ќе бидат топло пречекани.

- Очекуваме многу публика од регионов. Имаме одлична соработка со сите клубови во нашиот регион. Ќе навиваме коректно, нека победи подобриот, се вели во соопштението од клубот.

Домашната навивачка група „Арамии“ која повторно се рестартира најави дека коректно ќе се однесува со навивачите од Берово, заради што отфрлија каква било појава на инциденти на овој натпревар.

Екипата на Брегалница од Делчево се наоѓа на третото место на табелата во оваа конкуренција со 14 освоени бодови додека Малеш има 10 бодови и се наоѓа на седмото место од вкупно 10 екипи колку што се натпреваруваат во Третата фудбалска лига Исток. вс/зс/

Фото: МИА

Остани поврзан