• вторник, 24 декември 2024

Соработка на Народната банка со централната банка на Словачка за подобрување на заштитата на потрошувачите на банкарски производи и услуги

Соработка на Народната банка со централната банка на Словачка за подобрување на заштитата на потрошувачите на банкарски производи и услуги

Скопје, 24 октомври 2024 (МИА) - Примената на стандардите и регулативите коишто ги применуваат централните банки во Евросистемот во доменот на заштитата на потрошувачите, како и на современите добри практики за унапредување на ефективноста и ефикасноста на процесите во оваа област, е една од заложбите на Народната банка. За таа цел, како што информираат од Банката, во изминатите денови била остварена билатерална соработка на Народната банка на Република Северна Македонија со Народната банка на Словачка, во рамките на втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од Европската Унија.

-Во рамките на експертската мисија, претставниците од Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација при Народната банка, заедно со експертите од Народната банка на Словачка, разменија искуства за организациската поставеност, регулативата и функционалните аспекти на процесот на заштита на потрошувачите на финансиските услуги. Експертите детално ги презентираа искуствата од воспоставената регулаторна рамка на ниво на Европската Унија и регулативата на  Народната банка на Словачка, интерните процедури на обработка на поплаките од корисниците на финансиските призводи и услуги и спроведувањето на супервизијата за заштита на потрошувачите, се вели во соопштението од Народната банка. 

Втората фаза од Регионалната програма финансирана од Европската Унија (ЕУ) за зајакнување на институционалниот капацитет на централните банки на Западен Балкан е тригодишна програма којашто ја координира Германската централна банка, во партнерство со деветнаесет централни банки на Европскиот систем на централни банки и Европската централна банка. За остварувањето на оваа програма, ЕУ додели три милиони евра од инструментот за претпристапна помош (ИПА III). сст/лв/

фото Народна банка

 

Остани поврзан