• четврток, 26 декември 2024

Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска на отворање на сензорна соба во ООУ „Блаже Конески“

Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска на отворање на сензорна соба во ООУ „Блаже Конески“
Скопје, 6 септември 2021 (МИА) - Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, денеска присуствуваше на отворањето на нова сензорна соба во основното училиште „Блаже Конески“ во општина Аеродром во Скопје, каде даде поддршка на напорите на граѓанскиот сектор и институциите за зајакнување на инклузијата во образовниот систем, со цел вклученост на повеќе ученици со посебни образовни потреби. Како што соопштија од Kабинетoт на претседателот, сензорната соба е дополнителна можност за учениците со посебни образовни потреби да имаат подобри услови за вклученост во образовниот систем.

Активноста се реализира како дел од работата на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Проектот е во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“.

Досега се отворени четири сензорни соби и три инклузивни игралишта, а две училишта добија помошна технологија и дидактички материјали за лица со попреченост. Од кабинетот информираат дека во наредниот период ќе се работи на подобрување на пристапноста во 40 училишта, а како дел од проектот се доделуваат месечни стипендии за 320 ученици со попреченост. Во оваа учебна година оваа бројка ќе се зголеми за дополнителни 150 стипендисти.

Проектот се реализира со финансиска поддршка од Европската унија. Сензорните соби во училиштата „Блаже Конески“ и „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром се направени со донација на Евроинс Осигурување АД Скопје и општината Аеродром.

Инаку, претседателот Пендаровски минатата година имаше средба со претставниците на Фондацијата „Чекор по чекор“ на која ја  изрази својата целосна поддршка за подигнување на јавната свест за подобрување на инклузијата во нашето општество и унапредување на можностите за образование на учениците со посебни образовни потреби. бт/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан