• среда, 18 декември 2024

Сопругата на Асанж: Нападот врз Асанж е најсериозен напад врз слободата на медиумите

Сопругата на Асанж: Нападот врз Асанж е најсериозен напад врз слободата на медиумите

Париз, 21 февруари 2024 (МИА) – Сопругата на основачот на Викиликс Стела Асанж денеска изјави дека нападот врз Џулијан Асанж е „најлошиот напад врз слободата на медиумите што светот некогаш го видел“.

- Нападот врз Асанж е најтешкиот напад врз слободата на медиумите што светот некогаш го видел. Тој е екстериторијален и го спроведува една земја, применувајќи ги нејзините закони во остатокот од светот, врз странски државјанин кој објавувал во друга земја, изјави Стела Асанж за Франс 24.

Според неа, нападот врз Асанж е „декларација за универзална јурисдикција над печатот во која една држава тврди дека има моќ да ја ограничи не само способноста на новинарите да ја вршат својата работа, туку и правото на јавноста ширум светот да знае.“

Во високиот суд во Лондон се одржа дводневно рочиште во врска со жалбата на основачот на „Викиликс“ против одлуката за негова екстрадиција во САД.

Адвокатите на Асанж вчера први се обратија пред судот, велејќи дека се работи за политички мотивиран случај, додавајќи дека се прекршени човековите права на нивниот клиент.

Тие истакнаа дека имаат докази за заговор на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) за убиство на Асанж за време на претседателскиот мандат на Доналд Трамп.

Адвокатот Ед Фицџералд рече дека не може да им се верува на американските гаранции за фер третман, додавајќи дека неговиот клиент може да биде осуден на „грубо неправеден и непропорционален начин доколку биде екстрадиран“ во САД.

Американските адвокати денеска се обратија пред судот, велејќи дека обвинението за шпионажа против новинарот е „засновано на владеењето на правото и докази“.

- Ова кривично гонење можеби е без преседан, но она што тој го направи беше без преседан, изјави денеска адвокатката Клер Добин, која ги застапува интересите на САД.

САД бараат екстрадиција на Асанж за објавување тајни воени досиеја во 2010 и 2011 година, а Врховниот суд на Велика Британија одлучи дека Асанж треба да биде екстрадиран, отфрлајќи ги тврдењата дека поради лошо ментално здравје може да изврши самоубиство во американски затвор.

Порталот на Асанж „Викиликс“ стана познат во 2010 година кога објави видео од напад на американската армија со хеликоптери „Апачи“ во Багдад во 2007 година, при што загинаа десетици луѓе, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс.

После тоа, беа објавени илјадници тајни доверливи документи и дипломатски извештаи во кои САД ги критикуваат светските лидери, од рускиот претседател Владимир Путин до членовите на саудиското кралско семејство.

Во САД, Асанж е обвинет за шпионажа по 17 точки, а доколку биде прогласен за виновен, може да добие и до 175 години затвор. јт/

Фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан