• среда, 27 ноември 2024

Соопштение од Министерството за правда во врска со Извештајот за работа на јавните обвинителства во Република Северна Македонија за 2022 година

Соопштение од Министерството за правда во врска со Извештајот за работа на јавните обвинителства во Република Северна Македонија за 2022 година

Скопје, 15 ноември 2023

Во врска со мислењето на Министерството за правда за Извештајот за работа на јавните обвинителства во Република Северна Македонија за 2022 година, Министерството за правда Ве известува дека целта на даденото мислење по Извештајот е да се лоцираат слабостите кои се појавуваат во јавнообвинителската организација заради преземање соодветни мерки за нивно надминување.

Согласно воспоставената практика вакви мислења Министерството за правда дава секоја година по годишните извештаи на Јавното обвинителство. Би сакале да истакнеме дека констатираните слабости во постапувањето на јавното обвинителство  се веќе содржани во повеќето документи од меѓународните организации, што е и цитирано во мислењето на Министерството за правда.  

Во однос на конкретните констатирани слабости, Министерството за правда нагласува дека еден од приоритетите за наредниот период е зголемување на ефикасноста во справувањето со корупцијата и криминалот, а посебно со неговите организирани форми. Во таа насока се и нашите дадени сугестии во мислењето заради преземање конкретни мерки и активности за постигнување на наведените цели.

Би сакале да ја истакнеме досегашната одлична соработка со јавното обвинителство на различни нивоа. Прво, јавните обвинители активно се вклучени во изготвувањето на сите закони во сферата на казненото право и давааат исклучителен придонес за дефинирањето на конкретните законски решенија.

Исто така, Јавното обвинителство активно соработува во реализацијата на бројни проекти со Европската унија и други меѓународни организации во процесот на нашата Евроинтеграција. Овде особено би ги споменале проектите за имплементирање на информатичката технологија во јавното обвинителство, за што Министерството за правда става посебен акцент при нивното приоритизирање и реализација. Соработката на Министерството за правда со Јавното обвинителство е на исклучително високо ниво и во постапките за меѓународна правна помош по кои секојдневно постапува Секторот за меѓународна правна помош во рамките на Министерството за правда.

Со надминувањето на предизвиците со кои се соочува Јавното обвинителство, а кои се нотирани како сугестии во нашето мислење по Годишниот извештај за нивната работа, ќе се постигнат зацртаните цели за зајакнување на самостојноста на јавното обвинителство и зголемувањето на ефикасноста во нивното постапување, особено преку забрзување на водењето на истражните постапки.

 

Министерство за правда

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан