• среда, 25 декември 2024

Соопштение од лекторите по македонски јазик на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје

Соопштение од лекторите по македонски јазик на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје

Скопје, 22 април 2024 

Почитувани,

Лекторите по македонски јазик на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ) вршат значајна национална мисија за ширење на македонскиот јазик, литература и култура на 11 активни лекторати во светот. И покрај нивните сериозни заложби и посветеност за ширење на македонистиката на образовен, културен и дипломатски план, тие се оставени на маргините, со плати што не ги покриваат нивните основни трошоци за живот и сместување, па се принудени да се снаоѓаат како што знаат и умеат. И покрај ваквата незавидна положба во која се наоѓаат, лекторите на МСМЈЛК при УКИМ се изземени од последните покачувања на платите на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за 22 %.

Дополнително, лекторите во изминатиов период се соочуваат со сериозни финансиски проблеми и се принудени да живеат со просечна македонска плата во големи светски метрополи, каде што трошоците за живот се осетно зголемени поради глобалната инфлација во изминатите години.

Девизниот додаток, односно додатокот за подобрување на животниот стандард во странство, кој и онака е мал, не се исплаќа редовно секој месец, што дополнително ја отежнува тешката финансиска ситуација во која се наоѓаат.

Лекторите на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје, исто така, информираат дека не го добиваат целосниот износ на основната плата што им следува, односно добиваат само 75 % од износот на основната плата за работните десет месеци, што е во спротивност со Правилникот за работа на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје.

Лекторите на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје со официјално барање побараа одговори и решенија за проблемите од ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, но до денеска не добија одговор.

Лошата финансиска ситуација сериозно го загрозува опстанокот на лекторатите по македонски јазик во странство и затоа ги доставуваме следните барања до Ректоратот на УКИМ и до Министерството за образование:

 

1. Наоѓање соодветно правно решение за корекција на дискриминaторската одлука за изземање на лекторите по македонски јазик во однос на останатите 3 200 вработени со цел нивната плата да го добие покачувањето од 22 % што го добија сите вработени на УКИМ. Со оглед на тоа што лекторите по македонски јазик вршат значајна национална мисија за ширење на македонистиката во светот, а и со самиот факт што живеењето во странство значи и дополнителни трошоци за живот, бараме во најкраток можен рок да се најде начин да се исправи неправдата што ни е нанесена.

2. Наоѓање соодветно правно решение за корекција на пресметката на платите, со цел лекторите за време на работните месеци да го добиваат целосниот износ од платата што им следува, односно 100 %, како и редовно исплаќање на девизниот додаток.

Доколку надлежните не одговорат на овие барања, вработените на МСМЛЈК при УКИМ во Скопје ќе преземат соодветни мерки за заштита и остварување на своите права кои се загарантирани со Уставот и законите.

Со почит,

лекторите на МСМЈЛК при УКИМ од сите 11 активни лекторати во светот

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА архива 

Остани поврзан