• среда, 25 декември 2024

Соопштение на МВР во врска со настаните поврзани со црквата во село Галате

Соопштение на МВР во врска со настаните поврзани со црквата во село Галате

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Министерството за внатрешни работи вечерва соопшти дека денеска (10.09.2024)  во 10 часот од страна на полициски службеници од НККР Гостивар, градежен инспектор од општина Врапчиште и ангажирана геодетска фирма извршен е увид на локацијата каде се наоѓа црквата во атарот на с. Галате. Увидот е извршен по претходно отворена пријава на 09.09.2024 од страна на инспектор за урбанизам при општина Врапчиште за бесправна градба на оваа локација, а по завршување на увидот, од страна на градежниот инспектор местото е околчено со арматури и трака.

Како што се наведува во соопштението од МВР, околу 15 часот од страна на лицето Д.П., во присуство на неколку граѓани, отстранета е арматурата и траката, по што групата граѓани се упатиле пред општина Врапчиште, каде се одржал мирен протест. Од страна на Д.П. и уште две лица, дел од траката е залепена преку влезната врата на општината, а по извесно време Д.П. со група од околу 10 луѓе влегува во објектот на општината, со цел да бидат примени од страна на градоначалникот Исен Шабани. По извесно време,  градоначалникот се согласил да ги прими, но со услов разговорот да не се снима со приватни телефони. Групата граѓани одбиле да го направат тоа и градоначалникот побарал да го напуштат објектот. Откако не го напуштиле, градоначалникот побарал од полициските службеници да го испразнат објектот, по што од страна на полициските службеници при ПС ОН Гостивар на групата граѓани им е дадена наредба да го напуштат објектот на општината, нешто кое Д.П. и уште едно лице одбиле да го направат и пружиле активен отпор на полициските службеници, се наведува во соопштението од МВР.

Двете лица, како што се посочува, се приведени во просториите на ПС Гостивар и по извршен службен разговор со нив и направена консултација со јавен обвинител, се пуштени да си одат.

МВР апелира за воздржување од било какви тензии по однос на овој настан. Било кое подгревање на меѓуетнички и меѓурелигиски тензии било на јавен простор или преку социјални медиуми ќе биде предмет на кривично-правен прогон од страна на МВР.

-Македонското општество е засновано на меѓусебна почит и толеранција, а нашите темелни уставни вредности се гарант дека никој нема право да ги користи верските прашања во дневно-политички цели. МВР во текот на утрешниот ден ќе направи средби со сите чинители кои можат да придонесат за расчистување на овој настан, се потенцира во соопштението од МВР.  ев/аа/

ФОТО: МИА Архива 

Остани поврзан